• четврток, 04 декември 2025

ЕК: Претресот во станот на Јермак покажува дека украинските антикорупциски власти работат

ЕК: Претресот во станот на Јермак покажува дека украинските антикорупциски власти работат

Брисел, 28 ноември 2025 (МИА) - Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, денеска изјави дека претресот на станот на шефот на кабинет на украинскиот претседател, Андриј Јермак, „покажува дека антикорупциските власти во Украина си ја вршат својата работа“, објавува британскиот весник „Гардијан“.

Портпаролката на ЕК, Пињо, нагласи дека истрагата е сè уште во тек.

Портпаролот за проширување, Гијом Мерсие, коментираше со сличен тон, велејќи дека претресот и истрагата „покажуваат дека антикорупциските власти навистина постојат и им е дозволено да функционираат“.

„Дозволете ми да нагласам дека борбата против корупцијата е клучен елемент за една земја да се приклучи на ЕУ и бара континуирани напори и силен капацитет за борба против корупцијата. Ова е клучен елемент на кој се осврнуваме и во нашиот извештај за проширување објавен пред неколку недели, па затоа ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата“, рече Мерсие.

Украинското специјално обвинителство за борба против корупцијата и Националното биро за борба против корупцијата денеска објавија дека го претресуваат станот на Андриј Јермак, шеф на кабинет на претседателот на Украина, без детали за истрагата во чии рамки се спроведува претресот.

Јермак потврди на социјалната мрежа Телеграм дека властите имаат „целосен пристап“ до неговиот стан, дека соработува со службеници на антикорупциски институции и дека неговите адвокати се присутни.сд/

фото:Влада на Украина

Остани поврзан