• недела, 11 јануари 2026

Едно избирачко место во Центар Жупа отворено со задоцнување, останатите навреме

Едно избирачко место во Центар Жупа отворено со задоцнување, останатите навреме

Дебар, 11 јануари 2026 (МИА) - Во општина Центар Жупа, каде има 16 избирачки места, 15 се отворени навреме, освен едно, во подрачјето на Горна Жупа, кое било отворено со задоцнување од половина час, поради  снегот.

- Седум гласачки места се во Центар Жупа, додека другите во селските населените места. Поради снегот она во селото Долгаш беше отворено со задоцнување од половина час. Вчера своето граѓанско право го остварија 2 болни и немоќни лица, колку што и беа пријавени, изјави за МИА претседателот на Општинската изборна комисија, Неџип Илјаз.

Во оваа општина во единствениот избирачки список се запишани 7 562  лица или 11 повеќе од 19 октомври, кога ова право го остварија 21,49 отсто од вкупно запишаните 7 551 гласач.

На гласачкото ливче има само еден кандидат и не е потребен цензус, но потребно е да добие повеќе од половина гласови од излезените избирачи (50% + 1 глас).

Општина Центар Жупа, која е позната по масовната миграција, има двојно повеќе гласачи од жители, зашто според последниот попис има 3 720 жители. 

Снегот што во поширокиот регион почна да паѓа од синоќа, создаде покривка со дебелина и до 20 сантиметри во руралните населени места. вт/мч/

фото: МИА

Остани поврзан