Египет негира договор со Израел: Граничниот премин Рафа мора да биде отворен во двете насоки
- Египет ги отфрли тврдењата дека постигнал договор со Израел за отворање на граничниот премин Рафа исклучиво за излез од Појасот Газа, инсистирајќи дека преминот мора да биде двонасочен.
Каиро, 3 декември 2025 (МИА) - Египет ги отфрли тврдењата дека постигнал договор со Израел за отворање на граничниот премин Рафа исклучиво за излез од Појасот Газа, инсистирајќи дека преминот мора да биде двонасочен.
„Ако се постигне договор за отворање на преминот, тој ќе важи во двете насоки – за влез и излез од Газа, во согласност со планот на американскиот претседател Доналд Трамп“, се вели во изјавата на египетските власти.
Израелската Влада најави делумно отворање на граничниот премин кај градот Рафа меѓу Појасот Газа и Египет како дел од договорот за прекин на огнот со палестинското движење „Хамас“, но само за Палестинците кои сакаат да ја напуштат територијата, пренесе ДПА.
„Во согласност со договорот за прекин на огнот и директивата на политичките власти, преминот Рафа ќе биде отворен во следните денови исклучиво за излез на жителите од Појасот Газа кон Египет“, соопшти израелската агенција одговорна за палестинските територии.
„Излезот на жителите преку преминот ќе биде олеснет во координација со Египет, по одобрение од Израел и под надзор на мисијата на Европската унија“, се вели во соопштението.
Механизмот е сличен на оној што постоеше во јануари 2025 година, кога границата беше отворена за кратко, за да се пропуштат ранетите жители на Газа, а потоа повторно затворена.
Отворањето на границата со Египет беше одложувано повеќе пати по потпишувањето на примирјето на 10 октомври.
Оттогаш, Палестинците можат да го напуштат Појасот Газа само преку граничниот премин Керем Шалом со строги ограничувања. ссм/ми/
фото: архива