Евростат: Недвижностите во ЕУ поскапеа за речиси две третини во последната деценија
- Најголем рекордер по поскапување е Унгарија, каде цените на становите од 2015 година пораснале за неверојатни 275 отсто. Покрај Унгарија, цените двојно се зголемени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија со пораст над 150 отсто.
Брисел, 9 јануари 2026 (МИА) - Пазарот на недвижности во Европската Унија забележа значителен раст во третиот квартал од 2025 година, при што цените на становите скокнаа за 5,5 отсто, додека станарините пораснаа за 3,1 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Според денеска објавените податоци на Евростат, трендот на поскапување продолжува и на квартално ниво, па така недвижностите во однос на вториот квартал од 2025 година се поскапи за 1,6 отсто, а станарините за 0,9 отсто.
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за дури 63,6 отсто, додека закупнините поскапеле за 21,1 отсто. Додека кириите во изминатата деценија растат стабилно, кај цените на становите се забележани периоди на стагнација проследени со фази на екстремно брз раст.
Најголем рекордер по поскапување е Унгарија, каде цените на становите од 2015 година пораснале за неверојатни 275 отсто. Покрај Унгарија, цените двојно се зголемени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија со пораст над 150 отсто.
Единствен исклучок е Финска, каде цените на недвижностите денес се за два отсто пониски во споредба со пред десет години. Ситуацијата со кириите е исто така најтешка во Унгарија, каде се регистриран скок од 107 отсто, а висок пораст е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска. ссм/
фото: архива