Европратениците ќе разговараат за односите со САД, ситуацијата во Србија и Грузија и војната во Украина
- Европратениците ќе разговараат за односите на ЕУ со САД, ситуацијата во Србија и Грузија и војната во Украина на нивната седница во Стразбур следната недела, покажува агендата на состанокот.

Стразбур, 7 февруари 2025 (МИА) - Европратениците ќе разговараат за односите на ЕУ со САД, ситуацијата во Србија и Грузија и војната во Украина на нивната седница во Стразбур следната недела, покажува агендата на состанокот.
Во вторник, Европскиот парламент ќе ги процени трговските односи меѓу ЕУ и САД по предупредувањето на претседателот Доналд Трамп да воведе царини за европскиот увоз. Во соопштението на ЕП се истакнува дека мнозинството европратеници повикале на итна реформа на Светската трговска организација, во тесна соработка со Вашингтон. Наведени се податоци од Европската комисија, според кои во билатералната трговија меѓу ЕУ и САД има вкупен трговски суфицит на ЕУ од три отсто наспроти вкупниот трговски проток од 1,5 трилиони евра.
Истиот ден, европратениците ќе разговараат како да одговорат на одлуката на САД да го ограничи извозот на чипови што се користат за модели на вештачка интелигенција во некои земји од ЕУ. Забележано е дека одлуката е усвоена за време на претседателот Џо Бајден и влијае на 120 земји, од кои 17 се во ЕУ (Бугарија, Австрија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Словенија). Според европратениците, одлуката претставува предизвик за функционирањето на единствениот пазар на ЕУ и го загрозува заедничкиот пристап кон развојот на вештачката интелигенција.
В среда, ЕП ќе ја испита одлуката на новата администрација во Вашингтон да ги повлече САД од некои меѓународни организации и договори, вклучително и Светската здравствена организација и Парискиот климатски договор.
Во вторник европратениците ќе разговараат за тригодишнината од руската инвазија на Украина, како и за една година од смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални. В среда, тие ќе зборуваат за тековната репресија на опозицијата од страна на рускиот режим и ќе повикаат на насочена поддршка за регионите на ЕУ што граничат со Русија, Белорусија и Украина.
Исто така во вторник, ЕП ќе разговара за ситуацијата во Србија и протестите против владата. Во соопштението на седницата се наведува дека на 30 јануари европратениците од парламентарната комисија за надворешни работи го осудија „едногодишното повлекување од владеењето на правото, демократијата и основните права“ во земјата.
В четврток, европратениците се очекува да гласаат за резолуција со која се осудува репресијата на антивладините демонстранти во Грузија. Според ЕП, последните парламентарни избори таму не биле ниту слободни ниту фер, па затоа е неопходно повторување. мс/
фото: МИА архива