• сабота, 22 февруари 2025

Евроамбасадорот Рокас ја пофали Струмица дека е еден од најдобрите примери за искористување на фондовите на ЕУ

Евроамбасадорот Рокас ја пофали Струмица дека е еден од најдобрите примери за искористување на фондовите на ЕУ

Струмица, 21 февруари 2025 (МИА) - Вие сте еден од најдобрите примери за искористување на фондовите на ЕУ затоа што на тој начин се прави разлика во самото живење на вашите граѓани. Дали таа разлика се прави во подобрување на животната средина преку напорите коишто се прават за изградба на велосипедски патеки, дали е тоа употребата на електричните автобуси или во други сфери како што е менаџирањето со цврстиот отпад, обезбедување на питка вода или за менаџирање на оскудните фондови кои понекогаш ги имаат самите општини, мислам дека сето ова претставува добар начин за менаџирање на една општина, изјаи амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Михалис Рокас, по денешната средба со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Според евроамбасадорот, сето тоа претставува добар начин за менаџирање на една општина. Додаде дека дека сега е време да се преземе лидерство од Струмица или од други општини и тоа што денеска го слушнал и видел во Струмица е големо охрабрување за него.

-Станува збор за општина којашто граничи со две земји членки на ЕУ. Тоа навистина покажува за работата којашто се прави од страна на градоначалникот се со цел да се зајакне таа меѓугранична соработка помеѓу трите земји, во овој случај за искористување на европските фондови затоа што во овој момент имаме најмногу потреба од искористување на моментот за да се продолжи процесот на проширување на ЕУ, рече Рокас.

Градоначалникот Костадинов истакна дека Општина Струмица досега покажала дека преку мултисекторски пристап решава големи проблеми преку реализација на огромен број ЕУ проекти.

-По пат на договор помеѓу Општина Струмица и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија веќе инвестираме во смарт вело сити проектот каде што веќе имаме 8 километри реализирана велосипедска патека, а третата фаза е во тек на реализација и секако тоа треба да го продолжуваме, ама тука не завршува се. Ние мора да ги препознаеме таквите потреби и преку визионерски политики да продолжиме во однос на урбаната мобилност, за тоа и беше иницијативата за електрифицираниот јавен превоз со што станавме и прва општина на Балканот со целосно имплементиран јавен електрифициран превоз за кој што имаше дилеми и тоа е нормално, рече Костадинов.

За време на денешната посета евроамбасадорот Михалис Рокас разговараше со членовите на Советот на Општината и со претставници на невладините организации, младите и со граѓаните во „Europe House“ во Струмица, а беше запознатат и со функционирањето на јавниот електричен превоз во Општината. рт/дма/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан