Дуда: Полска треба да учествува во преговорите за завршување на војната во Украина
- -Ако видиме дека рускиот империјализам постојано се враќа, тогаш во конкретниот случај полските и украинските интереси се совпаѓаат, изјави Дуда за Фајненшл Тајмс.

Варшава, 3 февруари 2025 (МИА) – Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека верува оти неговата земја треба да учествува во идните преговори за ставање крај на војната во Украина.
Според него, доколку администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп покрај Украина и Русија покани и други земји на преговарачка маса, тогаш во интерес на Киев ќе биде присутна и Полска.
-Ако видиме дека рускиот империјализам постојано се враќа, тогаш во конкретниот случај полските и украинските интереси се совпаѓаат, изјави Дуда за Фајненшл Тајмс.
Истовремено, тој изрази скептицизам за можното испраќање полски војници во Украина, додавајќи дека Варшава во иднина ќе му помага на Киев, бидејќи тоа е неопходно, но дека не мора нужно да испраќа свои војници таму.
Дуда, исто така, посочи дека крајот на руската војна против Украина може да доведе до експлозија на меѓународниот организиран криминал, објаснувајќи дека на Киев можеби ќе му треба значителна поддршка за да ја обезбеди својата безбедност.
-Замислете ситуација во која илјадници луѓе се враќаат дома од фронтот. Многу од тие луѓе кои се бореле со Русија ќе имаат психички проблеми. Ќе се вратат во своите села и градови и ќе најдат уништени куќи и фабрики, нема да имаат работа и перспектива, објасни полскиот претседател.сд/
фото:МИА архива