Дуда му порача на Зеленски дека треба да биде конструктивен во соработката со Трамп
- „Му пренесов дека постојано веруваме дека нема друг начин да се запре крвопролевањето и да се постигне долгорочен мир во Украина, освен со поддршката на САД“, напиша Дуда на својот профил на мрежата „Х“.

Варшава, 21 февруари 2025 (МИА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што му порача да остане „посветен на мирната и конструктивна соработка“ со американскиот претседател Доналд Трамп.
Дуда рече дека разговорот со Зеленски бил отворен, а бил во контекст на развојот на ситуацијата по разговорот на украинскиот лидер со пратеникот на Трамп за Украина, Кит Келог.
„Му пренесов дека постојано веруваме дека нема друг начин да се запре крвопролевањето и да се постигне долгорочен мир во Украина, освен со поддршката на САД“, напиша Дуда на својот профил на мрежата „Х“.
Дуда изрази уверување дека во основата на преговарачката стратегија на САД се добрата волја и искреноста.
„Не се сомневам дека претседателот Трамп се води од длабоко чувство на одговорност за глобалната стабилност и мир“, напиша тој.
Зеленски претходно, по средбата со Келог, изјави дека Украина е подготвена за договор за инвестиции и безбедност.
„Украина е подготвена за силен, навистина корисен договор со претседателот на САД за инвестиции и безбедност. Ние го предложивме најбрзиот и најконструктивниот начин за постигнување резултати. Нашиот тим е подготвен да работи 24 часа на ден“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој изјави дека имал добар и темелен разговор со Келог за ситуацијата на фронтот и безбедносните гаранции.
„Благодарен сум на САД за сета помош и двопартиска поддршка дадена на Украина и на украинскиот народ“, напиша Зеленски. сд/
фото: МИА архива