• петок, 02 јануари 2026

Д-р Панов за МИА: Бројот на срцеви или мозочни удари е статистички повисок за време на празниците, неопходна е внимателност

Д-р Панов за МИА: Бројот на срцеви или мозочни удари е статистички повисок за време на празниците, неопходна е внимателност

Скопје, 2 јануари 2026 (МИА) - Бројот на срцеви или мозочни удари е статистички повисок за време на празниците, неопходна е внимателност, во изјава за МИА подвлече доктор Драган Панов, шеф на смена во Брза помош - Скопје.

Тој ни откри дека бројот на срцеви или мозочни удари е статистички повисок за време на празниците поради енормен стрес врз здравјето од прекумерна храна - солена и мрсна, алкохол и енергетски пијалаци. Фактор се и студот - ниските температури коишто предизвикуваат вазоконстрикција, односно стеснување на крвните садови, при што се зголемува крвниот притисок, и задоцнетата реакција - честопати не се појавуваат симптомите за да не го „расипат“ славењето, па стигнуваат во болница во критична состојба.

-Да, за жал, постои состојба позната во медицината како „Holiday heart syndrome“ (синдром на празнично срце), подвлече тој.

Вообичаената статистика од страна на Службата за Итна медицинска помош во текот на новогодишната ноќ во Скопје често бележела од 80 до 120 интервенции на Итната помош, од кои мал процент биле акутни срцеви и мозочни удари, обично по неколку случаи од секој тип. Ако имало зголемување, вели, тоа најчесто не било драстично во однос на претходните 2-3 години, но, било високо ниво во споредба со „мирна“ ноќ во мај или септември.

Го прашавме докторот, дали има тренд на зголемување на вакви случаи и на што се должи тоа.

-Статистиките во Македонија и глобалното објаснување, е „благ“ тренд, но, промени има во развојот, особено кај кардиоваскуларните заболувања. Причини се: пост ковид лесно зголемена инциденца на тромбози, начинот на живот, висок степен на аерозагадувањето во Скопје кое е критично во зима, хроничен стрес, висока физичка активност, појаснува Панов.

Според некои извештаи на Клиниката за кардиологија и ГОБ „8 Септември“ најчесто срцеви удари се регистрирани кај најстари лица на 75-80 годишна возраст со претходни хронични заболувања, и кај најмлади во последниве години случаи со срцев удар на возраст од 30 до 35 години. -Ова често е поврзано со злоупотреба на различни супстанци, предизвикано од стрес и недијагностицирани генетски аномалии, рече Панов.

Тој потврди, дека дефинитивно ова е најзагрозувачки тренд во македонското здравство.

-Пред 20-30 години, срцев удар се сметаше за загриженост, денес границата е поместена надолу поради „модерните пороци“, седентарен начин на живот - многу седење, пасивност, пушењето - Македонија е на врвот на потрошувачката на тутун - и производи со преработени шеќери и масти. За Скопје, специфичен фактор е загадениот воздух, ПМ10 честичките директно влегуваат во крвотокот и предизвикуваат воспаление на артериите што е директен „тригер“ за инфаркт на срце и мозок, особено кога градот е под магла, истакна доктор Панов. бд/вг/

Фото:  Приватна архива на д-р Драган Панов

Остани поврзан