• недела, 11 јануари 2026

Димитар Радев: Членството на Бугарија во еврозоната е кулминација на долг процес на економска интеграција, усогласување на политики и споделена одговорност

Димитар Радев: Членството на Бугарија во еврозоната е кулминација на долг процес на економска интеграција, усогласување на политики и споделена одговорност

Софија, 10 јануари 2026 (МИА/БТА) – Членството на Бугарија во еврозоната, освен формален институционален чекор, претставува и кулминација на долг процес на економска интеграција, усогласување на политиките и споделена одговорност, кој се развиваше во услови што не беа секогаш лесни. Ова го изјави гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ), Димитар Радев, на средбата со амбасадорите на ЕУ во Бугарија, организирана вчера од претставништвото на Европската комисија во Софија, соопшти БНБ.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Централниот банкар на Бугарија потсети дека во последните години земјата помина низ периоди на внатрешна политичка турбулентност, при што, и покрај тоа, макроекономската и финансиската стабилност беа зачувани.

„Во исто време, би било некоректно да не се признае дека фискалната дисциплина – традиционално силна потпора на нашата рамка за економска политика – беше ставена под притисок. Во оваа смисла, членството во еврозоната не треба да се гледа како награда за минатите резултати, туку како рамка што ја зајакнува одговорноста и ги засилува стимулите за водење претпазлива и кон иднината ориентирана макроекономска и фискална позиција“, истакна Радев.

Според неговите зборови, Бугарија во пракса функционира како „де факто економија на еврозоната“ веќе многу години, а валутниот одбор, врзан за еврото, изгради стабилни очекувања и ги обликуваше изборите на политиките на начин споредлив со учеството во Економската и монетарна унија, иако без претставништво во нејзините органи за донесување одлуки. Прифаќањето на еврото ја надминува оваа долготрајна институционална асиметрија, усогласувајќи ја одговорноста со претставеноста.

Преминот на Бугарија кон еврото се одвива во услови на засилена глобална несигурност, обележана со геополитичка напнатост, економска фрагментација, шокови од страната на понудата и финансиска волатилност, кои продолжуваат да ги ставаат на тест и економиите и институциите, забележа Димитар Радев.

Улогата на Европа во овој контекст е централна. Еврозоната не е само монетарен систем, туку сидро на стабилност во сè посложениот глобален систем, при што нејзината сила произлегува од соработката заснована на правила, институционалната длабочина и координираните дејства. Проширувањето на еврозоната, кога е засновано на реална подготвеност, ги зајакнува овие квалитети и ја засилува целоста на заедничката рамка, смета гувернерот на БНБ.

„Бугарија пристапува кон членството во еврозоната со јасно сознание за својата одговорност. Ние не го доживуваме нашето учество во Европската централна банка и Евросистемот како заштита од потребата за адаптација, туку како обврска кон дисциплина, доследност и конструктивно учество – особено во посложени и барани околности“, подвлече тој.

На настанот учествуваше и бугарскиот патријарх и софиски митрополит, Даниел. Присуството на духовниот водач треба да се разбере не во конфесионална смисла, туку како израз на институционален континуитет и општествена доверба, посочи Димитар Радев, додавајќи дека Бугарија, како и многу европски општества, ги цени симболите на стабилност и одржливост – истата логика што стои во основата на нејзината монетарна рамка и се одразува во дизајнот на бугарските евромонети, кои го спојуваат националното наследство со заедничката европска валута.

На 1 јануари Бугарија влезе во еврозоната, станувајќи нејзина 21-ва членка, потсетува БТА. Еврото веќе е законско платежно средство во земјата. Гувернерот на Бугарската народна банка станува член на Управниот совет на Европската централна банка со право на глас, а бугарскиот министер за финансии влегува во составот на Еврогрупата – неформалниот орган во кој учествуваат министрите за финансии на државите чија валута е еврото.

Монетарната политика на Бугарија излезе од режимот на валутен одбор, одржуван од 1997 година, и стана дел од монетарниот систем на еврозоната, во која членуваат уште 20 други земји со вкупно население од над 357 милиони луѓе.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан