Демократите првпат по 28 години ја освоија градоначалничката трка во Мајами
- Првпат по 28 години демократите ја освоија градоначалничката трка во Мајами, финансиската престолнина на американската сојузна држава Флорида, која со огромно мнозинство гласаше за Трамп на последните три претседателски избори
Вашингтон, 10 декември 2025 (МИА) - Првпат по 28 години демократите ја освоија градоначалничката трка во Мајами, финансиската престолнина на американската сојузна држава Флорида, која со огромно мнозинство гласаше за Трамп на последните три претседателски избори.
Ајлин Хигинс освои 60 проценти од гласовите против републиканскиот кандидат Емилио Т. Гонзалез, кој е поддржан од Доналд Трамп, според Си-Ен-Ен и дневниот весник Мајами Хералд. Хигинс е првата жена што ќе го води градот.
Победата во државата каде што републиканскиот претседател ги поминува поголемиот дел од викендите во неговото одморалиште Мар-а-Лаго е уште еден успех за демократите. Тие победија на гувернерските трки во Вирџинија и Њу Џерси оваа есен, како и на градоначалничката трка во Њујорк.
Во Мајами, 61-годишната Хигинс вети „етичко и одговорно управување кое дава опипливи резултати за луѓето“.
Хигинс победи со излезност од само 20 проценти во град со значителна кубанска заедница која традиционално гласа за републиканците.
Според анкетите, рејтингот на Доналд Трамп падна на најниско ниво откако се врати во Белата куќа во јануари, не само поради зголемените трошоци за живот, за кои Американците велат дека делумно се должат на царините на претседателот. мс/ми/
фото: Википедија