• петок, 05 декември 2025

Делчево ја пречека патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“

Делчево ја пречека патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“

Делчево, 6 ноември 2025 (МИА) - Последната станица на патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“ денеска беше отворена во фоајето на Спомен Домот „АСНОМ“, во рамки на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“. Изложбата, која патува низ повеќе македонски градови, претставува важен проект што ја промовира инклузијата и ја поттикнува свеста за правата и способностите на лицата со попреченост.

На изложбата се претставени 32 портрети на лица со попреченост, кои преку своите фотографии ја пренесуваат својата уникатност, животните мисии и таленти. Преку објективот, секој портрет раскажува приказна за силата, достоинството и човечноста, и поканува на разбирање и прифаќање на различностите како дел од општеството.

На отворањето се обратија претставниците на организацијата Equality кои стојат зад проектот, а директорот на Центарот за култура, Златко Начовски, нагласи дека ваквите иницијативи се од голема вредност за локалната заедница.

-Различностите не не делат – напротив, нè зближуваат и нè потсетуваат дека сите гледаме со срце, а не само со очи. Токму преку овие приказни учиме да го цениме секој човек и неговите способности.“

Начовски додаде дека изложбата е можност за Делчево да се сретне со инспиративни луѓе и да ја почувствува силата на различностите, како и важноста на културните и уметничките проекти кои поттикнуваат меѓучовечка емпатија и солидарност.

Изложбата ќе биде достапна за посетителите во наредните десет дена, а сите заинтересирани ќе можат одблиску да се запознаат со портретите и животните приказни зад нив, инспирирани од личностите со попреченост. вс/сст/

 


Фото: НУЦК Н.Ј.Вапцаров

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан