Грузиската владејачка партија најавува тужба против Би-Би-Си поради извештај за хемикалии на протести
- Во соопштението објавено денеска, партијата зборува за „многубројни апсурдни и лажни тврдења“ и најави дека ќе ги „искористи сите можни правни механизми“ за да го „повика на одговорност овој таканаречен медиум“.
Тбилиси, 1 декември 2025 (МИА) – По извештајот на Би-Би-Си во кој се наведува дека грузиските власти можеби користеле хемиска супстанца против демонстранти минатата година, владејачката партија Грузиски сон најави правни чекори против британскиот јавен сервис.
Во соопштението објавено денеска, партијата зборува за „многубројни апсурдни и лажни тврдења“ и најави дека ќе ги „искористи сите можни правни механизми“ за да го „повика на одговорност овој таканаречен медиум“.
Грузиската служба за државна безбедност отвори истрага за случајот. Истрагата треба да утврди дали е сторено кривично дело што го загрозило животот и здравјето на граѓаните.
Според истражувањето на Би-Би-Си постојат индиции дека властите користеле хемиска супстанца од Првата светска војна во водени топови за растерување на протестите против Владата.
Извештајот се темели на искази на експерти за хемиско оружје, укажувачи од полицијата и лекари.
Последиците од употребата, според нив, биле посериозни од оние на бибер-спрејот и солзавецот, кои обично се користат при растерување демонстрации.
Јужнокавкаската република е во длабока политичка криза од контроверзните парламентарни избори во 2024 година, на кои Грузиски сон се прогласи за победник.
Опозицијата не ги призна резултатите и ја обвини владата за изборен фалсификат.
Отстапувањето од европскиот пат на крајот од ноември минатата година предизвика недели масовни протести и нереди. И сега има помали, но речиси секојдневни протести, особено во Тбилиси.
Инаку, неодамна најави тужба против Би-Би-Си и американски претседател Доналд Трамп во врска со извадок од негов говор на 6 јануари 2021 година. Би-Би-Си призна грешки и му се извини на Трамп. ссм/
фото: принтскрин Би-Би-Си