• петок, 12 декември 2025

Граѓаните ги одбраа приоритетите за 2026: Младински центар прв приоритет во Делчево

Граѓаните ги одбраа приоритетите за 2026: Младински центар прв приоритет во Делчево

Делчево, 21 ноември 2025 (МИА) - Младите ќе бидат во фокусот на Општина Делчево за наредната 2026 година. На втората форумска сесија за креирање на Буџетот за 2026 година на која активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции, како прв приоритет за решавање со најмногу гласови беше одбран приоритетот-отпочнување со работа и опремување на Младински центар во Делчево.  

На листата 5 приоритети за решавање во 2026 година со најмногу гласови се: Отпочнување со работа и целосно опремување на Младинскиот центар; Поставување хидрантски систем во ООУ „Ванчо Прке“; Посебен влез и излез во УМП Делчево; Асфалтирање и опесочување локални патишта; и Туристичко-информативно биро. 

Градоначалникот Гоцевски изрази задоволство од интересот на граѓаните, демократскиот процес на форумот и натпреварот по работните маси.  

-Младите и отворањето на Младинскиот центар ќе биде нашиот фокус во 2026 година, бидејќи сакаме активни млади, млади кои ќе бидат гласни и ќе помогнат во градењето на една општина просперитетна, модерна и урбана. Сакам да потенцирам дека сите приоритети и предлози одбрани од граѓаните ќе бидат моја обврска за реализација. Сите предложени проекти ќе бидат земени предвид и нивната реализација ќе зависи од техничката изводливост и финансиските капацитети на Општината, нагласи Гоцевски.     

Со одржувањето на втората форумска сесија заврши форумскиот процес за креирање на буџетот за 2026 година на Општина Делчево во кој активно учествуваа граѓаните.  Целта на организација на форумите е граѓанско учество во процесот на донесување  одлуки, во случајот, приоритетните проекти за реализација за наредната година, а Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните и анализирајќи ги предложените приоритети, ќе ги предвиди за реализација. вс/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан