• петок, 05 декември 2025

Граѓаните во Пехчево ги дефинираат приоритетите за буџетот за 2026 година

Граѓаните во Пехчево ги дефинираат приоритетите за буџетот за 2026 година

Пехчево, 24 ноември 2025 (МИА) - Во Пехчево денес се одржа јавна консултативна сесија со граѓаните во организација на Општина Пехчево, како дел од процесот за планирање на општинскиот буџет за 2026 година. Целта на средбата е активно вклучување на граѓаните во дефинирање на приоритетите и проектите кои општината ќе ги реализира во наредниот период.

Од име на градоначалникот Александар Китански присутните ги поздрави Елица Јовевска од Општина Пехчево, која истакна дека јавната вклученост е важен сегмент во креирањето развојни политики на локално ниво.

-Се надеваме на конструктивни и креативни предлози кои ќе најдат место во програмите и буџетот за 2026 година. Денес ќе биде презентирано што е реализирано во изминатата година за да не се повторуваат проекти кои се завршени или моментално се во реализација, изјави Јовевска.

Програмскиот директор на НВО „Ф.Р.Л.З.“ – Штип, Борис Шарковски нагласи дека активната присутност на граѓаните е потврда дека процесот со години успешно функционира во Пехчево.

-Нашата цел е да ги издвоиме проектите кои општината ќе ги реализира во следниот период. Денес ќе се запознаеме со реализацијата на буџетот до третиот квартал и со проектите планирани за следната година. Граѓаните, распределени по работни групи, ќе ги утврдат своите приоритети, кои потоа ќе бидат повторно рангирани и доставени до општината за понатамошна реализација, изјави Шарковски.

Настанот продолжи со работа по групи и дискусии за развојни идеи и приоритети, со цел поголема транспарентност и учество на заедницата во донесувањето на локални политики. вс/дма/


Фото: МИА
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан