• четврток, 15 јануари 2026

Меморандум за соработка меѓу Општина Битола и Спортски клуб „Специјална олимпијада – Битола“

Меморандум за соработка меѓу Општина Битола и Спортски клуб „Специјална олимпијада – Битола“

Битола, 25 декември 2025 (МИА) - Општина Битола и Спортски клуб „Специјална олимпијада – Битола“ потпишаа Меморандум за соработка за стратегиска, долгорочна и одржлива соработка насочена кон развој и поттикнување на спортските активности и инклузијата на лица со интелектуални попречености.

Согласно Меморандумот потпишан од страна на градоначалникот Тони Коњановски, Општина Битола ќе обезбеди институционална, логистичка и организациска поддршка за спортските активности и настани на спортскиот клуб, овозможување користење на спортски објекти соодветно на условите, временската достапност и процедурите на општината, поддршка во промоција на инклузивни спортски програми и јавни кампањи и соработка во развој на локални инклузивни политики и иницијативи.

Спортскиот клуб „Специјална олимпијада“ ќе организира вклучување на лица со интелектуални попречености во спортски програми и натпревари и соработка со општински институции, училишта и спортски субјекти за развој на инклузивни спортски иницијативи.

Меморандумот кој се склучува на период од четири години има и заеднички активности околу организација на спортски манифестации, фестивали и јавни настани, промоција на инклузивни вредности и подигање на јавната свест, информираа од Општина Битола. мт/вг/

Фото: Општина Битола

Остани поврзан