• понеделник, 09 март 2026

Горчливи времиња за одгледувачите на какао поради падот на пазарот за чоколадо

Горчливи времиња за одгледувачите на какао поради падот на пазарот за чоколадо

9 март 2026

Би-Би-Си - Лондон

Цената на чоколадите во светот нагло порасна во текот на изминатата година, што ги направи да изгледаат како луксуз – но одгледувачите на какао во Западна Африка немаат никаква корист од тоа. Всушност, многумина се во очајна состојба бидејќи со месеци не биле исплатени.

„Маж ми се разболе, а јас немав пари да го однесам во болница. Така, тој почина дома“, изјави за Би-Би-Си 52-годишната Акосуа Фримпонг, одгледувач на какао од Гана.

По наглиот пораст на трошоците за какао – главната состојка на чоколадото – во 2024 година, цените оттогаш доживеаја колапс.

Голем дел од светското какао се произведува во Гана и Брегот на Слоновата Коска, каде што државните регулатори ја одредуваат цената една година однапред. Неодамнешниот пад на цените ги направи нивните зрна за околу 40 отсто поскапи отколку што меѓународните трговци се подготвени да платат.

Цените паднаа од повеќе причини, делумно затоа што добрата жетва во светот дојде во време на помала побарувачка. Поради претходните високи цени, чоколадите станаа помали, а производителите почнаа да користат помалку какао.

Домино-ефектот би требало да значи дека чоколадите на крајот ќе поевтинат, но тоа ја остави индустријата за какао во Гана и Брегот на Слоновата Коска во хаос. Дури и кога цените беа високи, одгледувачите во Западна Африка чувствуваа дека немаат корист од светските љубители на чоколадо. Нивните фарми се во оддалечени области длабоко во џунглата со лоша инфраструктура – тие живеат во села каде што има мал пристап до електрична енергија или проточна вода.

Силното сонце не можеше да ја растера тешката атмосфера на тага што се надви над селото Сухенсо во западна Гана кога го посетивме минатиот месец. Ожалостените се собраа во домот на Фримпонг за да му оддадат почит на нејзиниот сопруг Малик Боахен, кој почина претходно во февруари откако вратот почна да му отекува. Таа немала пари за соодветна медицинска нега – нешто за што го обвинува Одборот за какао во Гана (Cocobod), кој им издава дозволи на компаниите да го купуваат родот за меѓународна продажба по фиксна цена.

Бидејќи тие компании не можеа да го продадат какаото оваа година, земјоделците останаа без пари. „Кокобод“ интервенираше со купување на голем дел од родот за да ја спаси индустријата од колапс, но многу земјоделци велат дека не биле исплатени.

„Парите што ги очекував од продажбата на зрната во моментов се недостапни. Сега сум вдовица и немам никој да ме поддржува“, рече Фримпонг.

Се смета дека доцнењето на плаќањата погодува околу 800.000 одгледувачи на какао – што предизвика верижна реакција врз егзистенцијата на стотици илјади луѓе во руралните средини. Минатиот октомври, „Кокобод“ ја одреди сумата за земјоделците на речиси 5.300 долари по тон, но цената на глобалниот пазар падна далеку под ова ниво. Недостатокот го зголеми долгот на одборот, кој сега изнесува околу 3 милијарди долари.

Како одговор на финансиските потешкотии, претставниците на „Кокобод“ си ги намалија платите во февруари – за 20% за извршното раководство и 10% за високиот персонал. Портпаролот на одборот, Џером Сем, призна дека имало одложувања, но додаде дека исплатите сега се процесираат.

Какаото учествува со околу 7% од БДП на Гана, а извозот на зрната сочинува околу 15% од девизните приходи на земјата. Како резултат на тоа, здравјето на секторот има директен ефект врз богатството на државата. За да помогне во неговото обновување, владата најави низа мерки, вклучувајќи планови за преработка на повеќе какао во самата Гана, наместо суровината да се претвора во чоколадо надвор од земјата.

За да го реши проблемот со долгот, „Кокобод“ сега драстично ја намали загарантираната цена за земјоделците на близу 3.500 долари за тон, иако и тоа е над моменталните пазарни цени. Роберт Адае, кој се занимава со оваа култура 14 години, вели дека тоа не е доволно.

„Цените на препаратите и алатите за фармите остануваат исти, трошоците за работна сила не се намалени, па кратењето на цената на какаото негативно ќе се одрази врз нас“, изјави 62-годишниот земјоделец за Би-Би-Си.

Во просек, одржувањето на еден акр (околу 0,4 хектари) фарма за какао во Гана чини околу 1.000 долари, и многу земјоделци се загрижени дека нема да можат да ја повратат својата инвестиција. Нана Ободие Боатенг Бонсу, претседател на Здружението на загрижени одгледувачи на какао, признава дека „Кокобод“ се соочува со предизвици, но предлага нивните кратења на платите да одат директно кај земјоделците.

Со слични проблеми се соочува и соседниот Брег на Слоновата Коска, водечкиот светски производител. Вреќи со зрна се натрупани во магацините во градот Банголо, додека задругите се мачат да ги продадат на извозниците. Нивниот еквивалент на „Кокобод“ – Советот за кафе и какао – исто така минатата година гарантираше цена која сега е далеку над меѓународната. Во средата, министерот за земјоделство Бруно Коне најави дека цената за земјоделците ќе биде преполовена за да се поттикне продажбата.

Пред таа објава, Бахили Бакули Исиака, член на задругата во Банголо, со загриженост ги прегледуваше стотиците зрна во својот магацин. „Повеќе од 800 земјоделци ни ги предаваат своите зрна за продажба, но оваа година е многу тешко“, вели тој. „Камиони полни со вреќи се паркирани овде веќе 21 ден“.

„Го собрав какаото и го пратив во селото, но нема купувач. Не знам како ќе ги хранам моите 10 деца или како ќе го поддржам нивното образование“, изјави Села Ага Џозијане за Би-Би-Си додека ги средуваше своите дрвја надвор од Банголо. Таа додаде дека некои од нејзините деца биле пратени дома од училиште минатата недела бидејќи не можела да ги плати таксите. „Оваа криза е тешка за мене“.

Брегот на Слоновата Коска се соочуваше со ризикот да има околу 200.000 тони какао кои чекаат купувачи до крајот на март, доколку ситуацијата продолжеше. Ба Сиба Фабрис, друг земјоделец, вели дека ова е најлошата ситуација што ја доживеал откако почнал да се занимава со ова како тинејџер во 2012 година.

„Денес нема мир меѓу мене и моето семејство бидејќи нема веќе пари. Кога нема пари во едно домаќинство, нема ни мир“, вели тој. „Ние живееме преку какаото“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан