Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар, минатата година, произведени над 233 милиони киловат часови електрична енергија
- Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, минатата година произведени се над 233 милиони киловат часови електрична енергија, а моментно во акумулацијата има резерва на вода за производство на над 6 милиони киловат часови.

Дебар, 14 февруари 2025 (МИА) - Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, минатата година произведени се над 233 милиони киловат часови електрична енергија, а моментно во акумулацијата има резерва на вода за производство на над 6 милиони киловат часови.
- Вкупното производство за 2024 година е 233.045.000 киловат часови електрична енергија што претставува 87 отсто реализација на годишниот план. Просечен доток во изминатите денови од Црн Дрим е околу 21 кубен метар во секунда, a од локален слив околу 17 м3/сек. Моментната кота во акумулацијата на Дебарско Езеро е 563,75 метри што претставува резерва за производство на над 6,1 милион киловат часови, потврдија за МИА, од ЕСМ.
Оценуваат дека минатата е многу идентична со претходната, 2023 година, во однос на неповолната хидрологија.
-Последните две години може да ги окарактеризираме како потпросечни хидролошки години, во однос на производството на електрична енергија. Но, исто така, треба да се нагласи дека минатата, неповолна, хидролошка година, е искористена за да се реализира капиталниот ремонт на два генератора. Зафатот е реализиран во согласност со предвидените планови за тековно и за инвестициско одржување на опремата, посочуваат од компанијата.
Оттаму велат дека капиталниот ремонт е една од позначајните сервисни активности и значи продолжување на работниот век, зголемување на сигурноста и стабилноста на „Шпилје“ и на ХЕС „Црн Дрим“, што го сочинуваат оваа и ХЕ „Глобочица“.
На 4 ноември минатата година, ХЕ „Шпилје“, одбележа 55 години од нејзиното ставање во функција, период во кој во електроенергетскиот систем испорачала 14.799,19 гигаватчасови електрична енергија. вт/дма/
Фото: МИА