• четврток, 25 декември 2025

Во Тетово ликовната изложба „Нумен“ на авторката Лидија Цвитановиќ Илиевска

Во Тетово ликовната изложба „Нумен“ на авторката Лидија Цвитановиќ Илиевска

Тетово, 23 декември 2025 (МИА) - Слики во различни техники насловени „Нумен“ на авторката Лидија Цвитановиќ Илиевска ќе бидат претставени вечерва во Музејот на тетовски крај (Дом на АРМ) со почеток во 18 часот. Настанот е во организација на Македонско - хрватското друштво, а влезот е слободен. 

На изложбата ќе бидат прикажани над 20 дела во кои доминира реализмот и техниката масло на платно, а како мотиви најзастапени се природата, пејсажите и црковните мотиви.

-Насловот за изложбата е инспириран од античкиот концепт нумен (numen) кој означува божествена волја или енергија, божествен дух и присуство во просторот и појавите. Поднасловот на изложбата е „Меѓу формата и духот“. Ќе бидат претставени како најнови дела, така и дела од минатите децении, информираат од Македонско - хрватското друштво

Лидија Цвитановиќ Илиевска има дипломирано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, насока наставна теорија и соло пеење, а со децении се занимава и со сликарската уметност. Од 2001 година активно ја користи техниката масло на платно. Долги години има работено како професор по музичко образование.

Во 2014 година има изложено во Тетово на заедничка изложба со кинеската авторка Луси Трајковска. Има учествувано на повеќе изложби и колонии во Македонија и Хрватска. ас/ев/

ФОТО: МХД 

Остани поврзан