• петок, 21 февруари 2025

Во Прилеп се одржа конференција за вклучување на младите во зеленото претприемништво

Во Прилеп се одржа конференција за вклучување на младите во зеленото претприемништво

Прилеп, 11 февруари 2025 (МИА) - Се креира иновативна платформа за знаења и менторска поддршка за младите за да започнат зелени претприемачки потфати. Тоа ќе биде значен придонес на зголемувањето на домашното производство на храна, беше нагласено на денешната конференција во Прилеп за промоција на зеленото претприемништво и можноста да се вклучуваат младите и, воедно да ги предводат промените во зелената транзиција. Конференцијата ја организираше невладината „Лаг Агро Лидер“ во соработка со партнер-организациите од Словенија, Шпанија, Италија, Кипар и Грција.

-Со нив заедно, изминативе две години работевме на креирањето на иновативната платформа за да може младите да пристапат до знаења, а и до менторска поддршка за да започнат свои зелени претприемачки потфати и со поддршка на „Еразмус – програмата“ и понатаму продолжуваме да работиме на знаењата и поттикнување на младите да се вклучат во светот на зеленото претприемништво. Ова ќе значи дека младите ќе може да добиваат менторска, советодавна поддршка и истовремено да ги поврзуваме со бизнис заедницата и со можности за гарантирање за да ги започнат своите зелени бизниси, изјави Марина Тошеска, претседател на „Лаг Агро Лидер“.

Во прилепското средно училиште „Орде Чопела“ е реализирана изработената платформа.

-Платформата содржи неколку дигитални алатки кои ни помогнаа полесно да ги доближиме зелените вештини и да влиаеме за подигнувањето на свеста кај учениците за промена и заштита на животната средина и на биодиверзитетот, рече Ѓорѓија Гагалески, професор во СОУ „Орде Чопела“ во Прилеп.

Искуствата од земјите партнери се добри кои се трудат младите да останат во државата и во руралните средини и да произведуваат храна.

-Го бараме начинот младите да ги задржиме, да не се иселуваат и да произведуваат во руралните средини. За да го постигнеме тоа ни е потребна поддршјката од владата со мерки но и од локалните заедници, рече Мигел Ангел Викарио од Шпанија.

Агрономот Филип Димкоски вели дека кај нас се потребни регулативи кои ќе им помогнат на младите.

-На младите им е потребна не само финансиска, туку и едукативна помош за да се сфати важната улога на земјоделството, бидејќи без земјоделство нема храна, а без храна не може да се опстои. Една држава не може да биде независна ако не произведува храна. Што побрзо го сфатиме тоа и дека мора да работиме, тогаш успехот секако ќе дојде, рече Димкоски.

Конференцијата се одржа во просториите на градската библиотек „Борка Талески“ во Прилеп. ем/сст/

Фото МИА

Остани поврзан