• петок, 05 декември 2025

Во Македонска Каменица прикажан филмот „Патерсон“

Во Македонска Каменица прикажан филмот „Патерсон“

Македонска Каменица, 11 ноември 2025 (МИА) – Со благослов на Епископот Делчевско-каменички г. Марко, вечерва во Домот на културата во Македонска Каменица се одржа проекција на филмот „Патерсон“ во организација на Делчевско-каменичката епархија.

На настанот присуствуваа бројни верници, граѓани и љубители на филмската уметност, како и Епископот Древенски г. Давид, кој по проекцијата имаше свое обраќање.

По завршувањето на филмот, присутните ги поздрави Епископот домаќин г. Марко, кој истакна дека ваквите културно-духовни настани се значајни за заедницата бидејќи ја поттикнуваат мислата, дијалогот и чувството за духовна убавина преку уметноста.

Во продолжение збор зеде Епископот г. Давид, кој направи кратка анализа на филмот, нагласувајќи дека уметноста и духовноста се длабоко поврзани.

–Естетиката и убавото припаѓаат на Бога. Црквата сака да го овоплоти убавото. Фреските и иконите во Црквата се вистинско овоплотување на уметноста. Оттаму, уметноста ѝ припаѓа на Црквата, истакна меѓу другото Епископот Давид.

Тој посочи дека филмот „Патерсон“, кој говори за секојдневието, тишината и внатрешниот свет на човекот, нè потсетува дека и во најобичните нешта од секојдневниот живот може да се препознае Божјата благодат и убавината на постоењето.

Настанот заврши во духот на благодарност и заедништво, а присутните изразија задоволство што имаат можност преку Црквата да се сретнат со уметноста и духовните теми на еден современ и културен начин. вс/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан