• сабота, 27 април 2024

Во Куманово сè повеќе барани негуватели на стари лица во домашни услови

Во Куманово сè повеќе барани негуватели на стари лица во домашни услови

Куманово, 28 март 2024 (МИА) - Професијата негувател на стари лица се повеќе е барана на пазарот на трудот, сметаат надлежните од општинската организација на Црвен крст Куманово. Од организацијата денеска информираа дека како лиценциран давател на услуга веќе обучуваат втора група негуватели.

- Во Куманово оваа услуга е нова, односно претходната 2023 година се лиценциравме од во јануари 2024 година потпишавме управен договор и започнавме со спроведување на услугата. До сега имаме девет корисници опслужени од тројца негуватели, меѓутоа по завршување на обуката планираме да ја прошириме услугата затоа што ќе имаме 14 нови обучени негуватели, изјави Ива Младеновска, секретар на општинската организација.

Таа информира дека со одлука на раководен одбор се организира обука за негувател/ка за помош и нега на стари лица во домот за учесници од Куманово која почна од почетокот на март и се спроведува во три модули по претходно дадени теми.

- Истата трае два месеци. Обуките ги држат обучени предавачи и социјален работник, медицинска сестра и доктор. Освен теоретски дел, негувателите посетуваат и практичен дел кој се реализира во Домот за стари лица „Зафир Сајто“.

Една од нив е и негувателката Виолета Кузмановска која веќе од први март е негувател на старо и немоќно лице.

- Навистина има голема побарувачка за помош и поддршка на старите лица, децата се зафатени со работа, такво е времето. Мојот ден е исполнет, пиеме кафе со корисникот, готвам ручек, пазарувам, се дружиме. разговараме. Одиме на прошетки, понекогаш помагам за набавка на намирници и лекови. Исполент ми е денот, а секако и на моите корисници. Ме исполнува работата вели, Кузмановска.

Оние кои ќе ја завршат обуката се обврзани една година да работат со црвен крст. Оние кои планираат да заминат во странство треба да ја платат обуата која изнесува 20.000 денари.

Истражувањата на граѓанските организации покажуваат дека во најголемата општина во државата има сериозна потреба од асистенти кои пружаат психосоцијална поддршка, помош во борба против осаменоста, грижа за безбедноста на корисникот и помош во извршување на основните секојдневни активности, од пазарување до посета на лекар. ам/са/


Фото: МИА и Црвен Крст Куманово

Остани поврзан