• петок, 05 декември 2025

Во Куманово одбележан Меѓународниот ден на ромски јазик и азбука

Во Куманово одбележан Меѓународниот ден на ромски јазик и азбука

Куманово, 4 ноември 2025 (МИА) - Во организација на Центар за ромска заедница ДРОМ – Куманово, со поддршка на Општината, денеска во Занаетчиски дом, се одржа пригодна манифестација во чест на утрешниот светски ден на ромски јазик и азбука – 5 Ноември.

Пред присутните се обрати претставникот од Центарот за ромска заедница „ДРОМ“, Муарем Шакировски, истакнувајќи ја силата на зборот, убавината на јазикот, историскиот пат и културните вредности на ромскиот јазик.

- Денес кога го славиме овој јазик, не го славиме само минатото. Ние ја славиме иднината на која младите Роми ќе можат гордо да учат, да зборуваат и пеат во училишта, улици, во јавниот живот. Овој ден е потсетник дека идентитетот не се брани со зборови, туку со љубов, знаење и посветеност. Да го зачуваме ромскиот јазик значи да го зачуваме коренот од кој сме пораснале. А, оној кој го знае својот корен, никогаш не може да се изгуби, кажа Шакировски.

Свечената програма беше збогатена со видео репортажа изготвена од ромски студенти, поетски творби и музичка интерпретација.

На ниво на Куманово јазик и култура на Ромите се изучува како изборен предмет во четири училишта „Христијан Карпош“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“. Според податоците на секторот за образование од општина Куманово расте бројот на ученици кои следат настава по овој предмет.

Учениците преку изучувањето на овој предмет, треба да развијат чувство на припадност кон својата култура, да развијат почит кон другите култури, да користат основни граматички и правописни правила при говорење, читање и пишување како и да го збогатат речникот со нови зборови во ромскиот јазик. Светскиот ден на ромскиот јазик се одбележува  на 5 ноември, од 2009 година. Хрватскиот парламент официјално го признал во 2012 година, а УНЕСКО го прогласил датумит за Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година. Од 2018 година, 16 земји членки на Советот на Европа, го признале ромскиот јазик како малцински јазик според Европската повелба за регионални или малцински јазици. ам/сст/


Фото Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан