Во Дебар вакцина против сезонски грип досега примиле 630 лица
- Во дебарската работна единица за јавно здравје, забележан е поголем интерес за имунизација против сезонски грип, споредено со изминатите години.
Дебар, 7 ноември 2025 (МИА) - Во дебарската работна единица за јавно здравје, забележан е поголем интерес за имунизација против сезонски грип, споредено со изминатите години.
Тоа го потврдува и податокот дека до денеска имунизирани се 630 лица, а уште најмалку стотина се пријавени и ќе бидат имунизирани следната седмица.
Имајќи во предвид дека пријавувањето се уште трае, бројот се очекува да биде поголем.
- Имунизацијата се реализира без проблеми, граѓаните доаѓаат според терминот добиен по СМС-порака. Она што посебно треба да се каже е поголемиот интерес споредено со изминатите години, кога имавме аплицирано по 300, 400, а лани 580 дози вакцини, изјави за МИА, Виолета Шеху, специјалист микробиолог во центарот.
Нагласи дека сите 630 дози се бесплатни, а имунизирани се лица постари од 65 години и хронични болни, но, од друга страна, додаде, за комерцијалните вакцини нема интерес.
И годинава, во ова единица, се имунизираат лица од општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата активност ги покрива дебарската единица, потоа жителите од подрачјето на Долна Река, општина Маврово Ростуше, како и граѓани од други градови, пред се од Скопје, кои во овој период се во нивните родни места, а кои во апликацијата го навеле Дебар како пункт за вакцинација.
Дебарската работна единица, која функционира во рамки на Центарот за јавно здравје - Охрид, просторно е сместена во кругот на Општата болница со проширена дејност во Дебар. вт/рп/
Фото: МИА