• петок, 05 декември 2025

Во Гевгелија концерт на Ансамблот „Консонанс“ - „Магичен спој на светови“

Во Гевгелија концерт на Ансамблот „Консонанс“ - „Магичен спој на светови“

Гевгелија, 18 ноември 2025 (МИА) - Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата 2025 година“, вечер во Малата сала на Народниот театар ќе се одржи концерт на реномираниот македонски камерен ансамбл „Консонанс“, информираа од Општината.

Според организаторите, настанот претставува значаен културен придонес кон годишната програма на општината, кој најавува вечер исполнета со исклучителна музичка уметност и автентичен спој на класика и традиција.

-Концертната вечер, симболично осмислена под мотото „Магичен спој на светови“, ќе ја отвори вратата кон уникатно музичко патување. Публиката ќе ја почувствува елеганцијата на неокласичниот израз на Игор Стравински преку делови од балетската суита „Пулчинела“, а потоа ќе биде воведена во исконската сила и убавина на македонскиот фолклор, преку современи композиции на Дарко Илиевски, мајсторски адаптирани за камерниот состав и хармоника.Во вториот дел од програмата, посетителите ќе уживаат во композициите „Стојно ле, севдо ле“, „Магла“, „Фугато Б“, „Свита“ и „Мозаик“- дела кои го преточуваат традиционалниот македонски мелос во модерни музички форми, притоа задржувајќи ја длабочината и автентичноста на народниот звук, се наведува во информацијата од Општина Гевгелија.

Инаку, Ансамблот „Консонанс“, основан во 2007 година, претставува редок пример на македонски камерни состави кои успеваат континуирано да го надградуваат својот израз. Од иницијален дрвен дувачки ансамбл, тој прераснува во моќен камерен колектив со проширена инструментална поставеност, препознатлив по високото ниво на интерпретација, експериментален дух и културна мисија. Со речиси две децении уметничко созревање, „Консонанс“ има изградено препознатлив музички идентитет и богато портфолио од настапи на национални и меѓународни фестивали, како и издадено ЦД.рт/

Фото: Општина Гевгелија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан