Во Битола се одбележуваат Светскиот ден на планините и 90 години ПСК Пелистер
- Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и ПСК Пелистер, денеска на планината Баба го одбележуваат светскиот ден на планините и јубилејот 90 години постоење на планинарско-спортскиот клуб Пелистер.
Битола, 14 декември 2025 (МИА) - Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и ПСК Пелистер, денеска на планината Баба го одбележуваат светскиот ден на планините и јубилејот 90 години постоење на планинарско-спортскиот клуб Пелистер.

Планинарската акција почна утрово и е во тек, а учествуваат над 400 планинари од градот и државата, изјави за МИА, Димче Попов, претседател на ПСК „Пелистер“-Битола.
- Денеска го одбележуваме светскиот ден на планините, денеска се потсетуваме на далечната 1935 година кога во Битола беше формиран нашиот планинарски клуб, и исто така денеска се радуваме што по 30 години е обновена, исчистена и маркирана, планинарската патека која почнува од селото Цапари и преку Цапарска Пресека, Палиснопје, планинарскиот дом Копанки и историската патека од Првата светска војна, води до Инфо центар на ЈУНП „Пелистер“, изјави Попов.
Македонските планинари ќе минат 10 километри низ прекрасни предели како што се кањонот на Цапарска Река, потоа ќе се движат низ повеќе векови стара букова шума се до месноста Горна Скала која е на 1200 метри надморска височина, а од таму патеката влегува во длабока иглолисна моликова и елова шума и серпентински се искачува до месноста Цапарска Пресека (1.527 мнв).

- Од оваа локација ќе се пешачи по блага угорнина низ старата моликова шума, пелистерските морени, неколку водотеци и извори се до планинарскиот дом Копанки кој е на 1.610 метри надморска висина. Планинарската тура ќе води преку историската патека од Првата светска војна и завршува кај Инфо центар на ЈУ Национален парк „Пелистер“, посочи Попов..
Планинарите од градот и државата ги придружуваат лиценцирани планинарски водичи од ПСК Пелистер и ренџери од ЈУНП Пелистер-Битола. мт/зс/
Фото: МИА