• петок, 02 јануари 2026

Во Белград е во тек изградбата на неколку хотели со 2.000 нови сместувачки единици

Во Белград е во тек изградбата на неколку хотели со 2.000 нови сместувачки единици

Белград, 2 јануари 2025 (МИА) - Во Белград се градат помеѓу 1.500 и 2.000 нови сместувачки единици, соби и апартмани, за потребите на специјализираната изложба „Експо 2027“, но и за стандардните потреби на градот, изјави директорот на Бизнис асоцијацијата на хотелиери и угостители на Србија (HORES), Георги Генов, во интервју за Бета.

Во моментов во Белград има околу 8.000 хотелски соби, а сместувачките единици што се градат се приватни инвестиции според побарувачката на пазарот, но и за долгорочните перформанси на угостителскиот бизнис.

„Хотелите што се градат денес не се привремено решение, туку трајна инвестиција во иднината на Белград и Србија поради организацијата на поголеми конгреси, посилен бизнис туризам, меѓународни спортски и културни настани“, рече Генов.

Тој процени дека Белград ќе биде подготвен да прифати гости за Експо2027 врз основа на бројот на сместувачки единици.

Тој истакна дека е изразен интересот на хотелиерите за државни субвенции, особено кај малите и средните инвеститори, и дека прецизни податоци води надлежното министерство.

„Неофицијалните информации од пред шест месеци се дека околу девет инвеститори аплицирале за тие субвенции од 20 проценти“, рече Генов.

„Еден Експо од ваков карактер бара 20.000 сместувачки единици во хотели за ваков настан. Сепак, имаме голем број соби во приватни аранжмани, кои се исто така со висок квалитет“, рече Генов.
„Во структурата на хотелската понуда доминираат хотели со три ѕвездички (140) и хотели со четири ѕвездички (202 хотели), бидејќи тие одговараат на поголемиот дел од побарувачката на домашните и странските гости. Она што недостасува се хотели од највисока категорија, односно хотели со пет ѕвездички, од кои има 17“.

Кога станува збор за работната сила, Генов истакна дека постои проблем, бидејќи во хотелите недостасува персонал од сите категории, од помлади до менаџерски, а додаде дека причините за тоа се иселувањето, сезонската работа и недоволната привлечност на занимањата.
Тој исто така изјави дека овогодишната туристичка сезона во Србија била послаба во споредба со минатата година, поради, како што рече, целокупната состојба во светот и земјата.

Според него, оваа година туристите најмногу избирале планински и спа дестинации, додека посетите на градовите биле помали. зш/ссм/

Остани поврзан