• сабота, 22 февруари 2025

Велешанецот Игор Иванов кој го фати крстот за Водици во Велес, донира справа за вежбање за лица со попреченост

Велешанецот Игор Иванов кој го фати крстот за Водици во Велес, донира справа за вежбање за лица со попреченост

Велес, 5 февруари 2025 (МИА) - Игор Иванов од велешката населба Превалец кој на Водици го фати крстот во водите на Вардар под Мало Мовче, а кој во изминатите 40 дена со своите другари спроведоа хуманитарна акција, со дел од собраните пари одлучи да купи справа за вежбање за лицата со попреченост.

Справата денеска ја донираа на Меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ за Општините Велес, Градско и Чашка, сместено во просторите на месната заедница „Алексо Демниевски Бауман“.

Справата ја прими Миланчо Арсовски претседател на оваа здружение кој од името на своите членови им се заблагодари на хуманоста.

-Справата ќе им биде добредојдена на нашите членови за стекнување и одржување на физичката активност. Справата е наменета за движење, за одење и трчање и за масажа на нозете, а која им е неопходна на нашите членови лица со инвалидитет, потенцира Арсовски.

Иванов кој има 33 години,а кој е судија во првата фудбалска македонска лига информира дека одлучил да ја донираат оваа справа за вежбање на ова велешко здружение, за создавање здрави навики за вежбање на лицата со телесен инвалидитет.

Пред неколку години и неговиот друг Димитар Чоков кој го фати крстот на Водици во Вардар, со дел од собраните средства за хуманитарна цели купи помагала за движење на членовите од Здружението на лица со церебрална парализа и друг вид попреченост. ад/нд/

 

Остани поврзан