Велес шест дена со високи концентрации на опасните ПМ10 честички во воздухот
- Во изминатите шест дена концентрациите на ПМ 10 честички во воздухот во Велес покажуваат дека се над максимално дозволените. Ова се податоци од Државниот автоматски мониторинг за квалитет на воздух на Министерството за живитна средина и просторно планирање, кои се регистрираат на единствената мерна станица во Велес поставена во новиот дел од градот во населбата Тунел во дворот на детската градинка.

Велес, 3 февруари 2025 (МИА) - Во изминатите шест дена концентрациите на ПМ 10 честички во воздухот во Велес покажуваат дека се над максимално дозволените. Ова се податоци од Државниот автоматски мониторинг за квалитет на воздух на Министерството за живитна средина и просторно планирање, кои се регистрираат на единствената мерна станица во Велес поставена во новиот дел од градот во населбата Тунел во дворот на детската градинка.
Граѓаните на Велес се револтирани што не се мерат концентрациите и во стариот дел од градот, каде сметаат дека има уште поголемо загадување. Тие со години бараат да им се врати мерната станица „Велес 2“ која беше лоцирана кај Топилницата, а која по нејзиното затворање беше преселена во Струмица. Граѓаните на Велес забележуваат и што единствената мерна станица во градот не ги регистрира концентрациите на уште поопасните по здравјето ПМ 2,5 честички.
Денеска во новиот дел на градот концентрациите на ПМ 10 честичките се скоро двојно повисоки и изнесуваат 97 мг/м3 воздух. Инаку, во изминатите денови овие вредности се движат од 67,50 мг/м3 до 84,57 мг/м3 воздух.
Граѓаните се жалат на проблеми со отежнато дишење поради загадениот воздух поради што е нарушено нивното здравје. Дел од граѓаните посебно повозрасните носат заштитни маски.
Градоначалникот Марко Колев деновиве одговарајќи на новинарско прашање за решавање на проблемот со загадувањето и констатацијата дека Велес нема општински инспектор за животна средина, појасни дека Општина Велес сепак има Одделение за заштита на животната средина кое постојно го следи квалитетот на воздухот и реагира.
Воедно информира дека и самиот увидел дека дел од домаќинствата горат несоодветни материјали како пластика, ќумур и други материјали кои го загадуваат воздухот и дека со овој проблем освен Велес се соочени и останатите градови во земјава. Тој најави дека треба да се воведат санкции за овие домаќинства кои го загадуваат воздухот во градот.
-Апелирам до граѓаните да не користат материјали за затоплување кои го загадуваат воздухот, порача Колев.
Тој информира дека во таа насока за намалување на загадувањето, Општина Велес прави напори за замени на фасадите со топлотни и затоплување со грејни тела како инвертер клими , а кои не го загадуваат воздухот,а општината доделува и субвенци за нивна набавка.Воедно на сите свои јавни установи и училишта,општината веќе има поставено фотоволтаични панели за сопствено производство на електрична струја.
Колев истакна дека поради зголеменото загадување низ велешките улици со зголемениот сообраќај на возила, а поради затворање на мостот на Вардар кај Башино Село деновиве било извршено вонредно миење на велешките улици.
Тој воедно најави дека ако за тоа дозволуваат временските услови без минусни температури, а за да не дојде до нивно замрзнување, дека деновиве ќе се изврши и дополнително второ миење на главните градски улици во Велес.ад/са/
Фото: МИА архива / принтскрин