• петок, 05 декември 2025

Бугарија може да игра значајна улога во обновата и во економскиот развој на Либан, изјави претседателот Румен Радев

Бугарија може да игра значајна улога во обновата и во економскиот развој на Либан, изјави претседателот Румен Радев

Софија, 10 ноември 2025 (МИА/БТА) - Бугарија може да игра значајна улога во обновата и во економскиот развој на Либан, изјави шефот на бугарската држава Румен Радев по средбата со претседателот на Либан, Жозеф Аун. Двајцата имаа заеднички изјави пред медиумите.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

„Ние ја изразуваме својата подготвеност за продлабочување на односите во економијата, инвестициите, трговијата, военото дело, земјоделството, а особено во образованието и културата“, додаде Румен Радев.

Либанскиот претседател е во официјална посета на Бугарија на покана на бугарскиот шеф на државата. Посетата се реализира во пресрет на 60-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Бугарија и Либан, која ќе биде одбележана следната година, соопштија од прес-секретаријатот на шефот на државата.

„Ескалацијата на тензиите во регионот на Блискиот Исток, невидена по своите размери, и започнатите длабоки промени во регионалната безбедносна архитектура, го исправаат пријателскиот Либан пред историски избор за враќање на политичката и економската стабилност. Денешните разговори се и израз на нашата подготвеност како лидери на двете земји да дадеме свој придонес за продлабочување на нашите односи, на партнерството, соработката и нашите напори за воспоставување мир и стабилност во тој толку важен регион за целиот свет“, рече претседателот.

Шефот на државата му честита на „својот пријател – претседателот Аун“ за неговото лидерство и за неговите лични напори, како и на Владата на Либан, за враќање на земјата на патот на мирот, просперитетот и безбедноста. Според Радев, тоа е исклучително важно не само за Либан и регионот на Блискиот Исток, туку и „за нас, за целата Европска Унија (ЕУ)“.

„Го споделуваме убедувањето дека постои значителен потенцијал за унапредување на нашата соработка во образованието, културата, високите технологии – не само во традиционалните области на нашата соработка. Иако стоковната размена во моментов е скромна, трендот од последните години покажува дека со заеднички напори можеме да оствариме значителен раст во нашите трговско-економски односи“, изјави шефот на државата. „Неопходно е да ја ажурираме правно-нормативната основа“, додаде Радев.

„Нашиот апел до владите на двете земји е за создавање заедничка комисија за економска и научно-техничка соработка, која би поставила стабилна институционална рамка за подобра координација и интеракција меѓу економиите и деловните средини“, рече уште претседателот.

Го споделуваме и мислењето дека нашата соработка е особено перспективна во областа на одбранбената индустрија, безбедноста, вклучувајќи го и воено-техничкото и воено-медицинското образование. „За да се случи сето тоа, неопходно е да создадеме подобри услови за луѓето и бизнисите од двете земји, за да можат редовно да комуницираат. Затоа нашето очекување е да се обнови директната авиолинија меѓу Бејрут и Софија“, рече уште Румен Радев.

„Во најтешките времиња на граѓанската војна во Либан, авиокомпанијата „Балкан“ не ги прекина своите летови до Бејрут. Нашата амбасада не се повлече, како што направија многу други држави, туку продолжи да оперира во Бејрут. Тоа ја покажува важноста што двете земји им ја придаваат на нашето пријателство и партнерство“, истакна претседателот.

„Ја изразив својата поддршка за напорите што ги вложува Либан за стабилизација, безбедност и мир. Го поддржуваме и дијалогот меѓу ЕУ и Либан. Бугарија исто така ќе ја даде својата поддршка во светло на претстојниот, првпат по осум години, Совет за асоцијација ЕУ – Либан“, рече уште Румен Радев.

„Оваа посета е израз на нашата заедничка желба да го активираме дијалогот на високо политичко ниво и традиционално пријателските односи меѓу нашите земји и народи“, посочи Радев.

Жозеф Аун беше избран за претседател од либанскиот парламент на 9 јануари, јавија тогаш Ројтерс и Асошиејтед прес. Изборот на Аун за шеф на државата на Либан стави крај на вакуумот кој траеше повеќе од две години – претседателската функција беше празна од октомври 2022 година.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан