Борбите продолжуваат во Алепо, владините сили ги напаѓаат курдските борци
- Борбите продолжуваат втор ден во северниот сириски град Алепо меѓу владините сили и курдските борци.
Алепо, 8 јануари 2026 (МИА) - Борбите продолжуваат втор ден во северниот сириски град Алепо меѓу владините сили и курдските борци.
Борбите принудија илјадници цивили да ја напуштат областа, а најмалку четири лица загинаа. Најновото насилство и меѓусебните обвинувања за тоа кој го започнал конфликтот укажуваат на продлабочување на јазот меѓу Дамаск и курдските власти кои се спротивставуваат на интеграцијата во централната влада.
Судирите започнаа вчера, кога најмалку шест лица беа убиени во размена на оган меѓу припадници на сириските владини сили и Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите. По релативно мирна ноќ, борбите се интензивираа денеска, а здравствените власти во Алепо објавија дека четири лица загинале, а 18 се ранети.
Во меѓувреме, прес-службата на СДФ соопшти дека сириската армија ги блокирала курдските населби во Алепо, користејќи тенкови. Според соопштението, владините сили вовеле блокада на населбата Шеик Максуд, со интензивно гранатирање и опкружување на населбата со тенкови.
Дамаск тврди дека борците на Сириските демократски сили ги таргетираат станбените области и хуманитарните коридори кои беа отворени пред да стапи на сила полицискиот час за граѓаните кои сакаат да ја напуштат зоната на борбите. Командата на сириската армија воведе полициски час во курдските населби Шеик Максуд и Ашрафија. Сличен вооружен судир меѓу двете страни, во кој беше употребено тешко оружје и минофрлачи, се случи на 23 декември. По промената на владата во Сирија во декември 2024 година, населбите Шеик Максуд и Ашрафија останаа под контрола на курдските сили.
Во април 2025 година започна нивното повлекување од овие области, придружено со зголемена контрола од страна на сириските безбедносни сили и ограничен пристап до некои делови од градот.
И покрај официјалниот крај на повлекувањето на СДФ, локалните безбедносни сили остануваат многу активни во областа Шеик Максуд, вклучувајќи патроли и контролни пунктови. Извор за спасување од штабот на владата за цивилна одбрана изјави дека околу 10.000 луѓе избегале од Алепо поради борбите.
Аеродромот во градот и автопатот кон Турција се затворени поради најновите борби. мс/сд/
фото: Архива