Билатералните, европските и меѓународните прашања во фокусот на средба Макрон-Мицотакис во Париз
- Вештачката интелигенција, билатералните односи, европски прашања, меѓу кои одбраната и конкурентноста на европската економија, како и меѓународните прашања, биле главните теми за кои разговарале францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната средба во Париз на маргините на Самитот за вештачка интелигенција, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 11 февруари 2025 (МИА) – Вештачката интелигенција, билатералните односи, европски прашања, меѓу кои одбраната и конкурентноста на европската економија, како и меѓународните прашања, биле главните теми за кои разговарале францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната средба во Париз на маргините на Самитот за вештачка интелигенција, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата доаѓа откако беше објавена информацијата дека конзорциум во кој учествува Франција планира продажба на проектили МЕТЕОР на Турција, за што пред две седмици министер за одбрана на Грција Никос Дендиас се сретна со француската амбасадорка во земјата Лоренс Оер од која побарал одговори и го изразил грчкото противење.
Од кабинетот на францускиот претседател соопштија дека Макрон и Мицотакис разговарале за зајакнување на европската одбрана, а претседателот на Франција на грчкиот премиер му ја потврдил посветеноста на земјата кон француско-грчкото стратешко партнерство, како и кон безбедноста на Грција.
Дополнително двајцата лидери разговарале за меѓународни прашања, за поддршката на Украина, како и за ситуацијата на Блискиот Исток.
Во однос на главната тема на дводневниот Самит што од вчера се одржува во Париз, Макрон и Мицотакис ја изразиле нивната целосна доверба во капацитетот на ЕУ да се етаблира како привилегиран простор за развој на конкурентен, атрактивен и суверен систем за вештачка интелигенција. ср/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер