Бесплатна ликовна работилница за гевгелиските ученици во Пионерскиот дом
Гевгелија, 12 март 2026 (МИА) - Бесплатни часови за ликовна уметност на кои може да се пријават основци и средношколци од гевгелиските училишта ќе се одржуваат од наредната недела во Пионерскиот дом во Гевгелија.
Креативната ликовна работилница за деца ќе работи секој вторник и среда во два различни термини.
- Целта е да се опфатат децата од двете училишни смени, прва и втора, па затоа термините во вторник се од 13 до 14 часот, додека во среда се порано, од 11 до 12 часот. Ќе се направат групи во зависност од интересите на децата, и според она што го работат во училиште намерата е да се почне со цртање, сликање со различни бои, за да се продолжи кон техники кои не се работени во училишната програма, вели ликовната уметница Андонија Ичева, која ќе ги држи работилниците.
Проектот е поддржан од Домот на културата во Гевгелија, од каде ги повикуваат сите љубители на уметноста да се пријават за учество. рш/мч/
фото: МИА