Над 500 нови садници во центарот на Делчево
- Градоначалникот Иван Гоцевски најави разубавување на урбаното јадро, повеќе зеленило и подобар квалитет на живот за граѓаните.
Делчево, 31 март 2026 (МИА) - Општина Делчево започна обемна хортикултурна акција за разубавување на централното градско подрачје, во рамки на која се планира засадување на над 500 нови садници, со цел зголемување на зелените површини и подобрување на квалитетот на животната средина.
Како што изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, станува збор за значаен проект кој не претставува само естетско уредување на градот, туку и долгорочна инвестиција во поздрава и поквалитетна животна средина за граѓаните.
– Со оваа акција Делчево добива нов, разубавен лик. Засадувањето на над 500 садници ќе придонесе за повеќе зеленило, свежина и создавање пријатен амбиент за сите жители и посетители на градот, истакна Гоцевски.
Тој нагласи дека уредувањето на јавните површини е важен сегмент од локалниот развој, особено во услови кога се зголемува потребата од чист воздух и функционални урбани простори.
– Ова не е само естетско подобрување, туку вложување во поквалитетна животна средина, почист воздух и поубаво секојдневие. Нашата цел е центарот на Делчево постепено да прерасне во модерно и уредено урбано јадро, кое ќе биде вистинско место за прошетка и дружење, додаде градоначалникот.
Од Општината информираат дека хортикултурната акција ќе се реализира етапно, при што ќе бидат опфатени повеќе локации во централното подрачје, со внимателен избор на садници кои се соодветни за урбани услови и локалната клима.
Воедно, се апелира до граѓаните да придонесат во зачувувањето на новозасаденото зеленило, со што заеднички ќе се создаде поуредена, поубава и поодржлива урбана средина. вс/вј/
Фото: МИА