• петок, 21 февруари 2025

БЕАМ ги објави финалистите за 2025 година

БЕАМ ги објави финалистите за 2025 година

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Фестивалот БЕАМ (Best Event Awards Macedonia - BEAM), како Наградна платформа за најдобрите настани во Македонија којашто ги наградува и ги истакнува најуспешните проекти во индустријата за настани, ги објави финалистите за 2025 година.

Финалистите се распределени во 10 категории, од областа на културата, музиката, бренд-активации, корпоративни проекти, спортски и хуманитарни настани, како и конференции, што сведочи за креативноста и разновидноста во секоја сфера. Жири-комисијата е составена од докажани професионалци од областа на културата, креативните индустрии, маркетингот, продукцијата и комуникациите, соопштија организаторите. 

Тие оваа година се соочуваат со навистина тежок избор, бидејќи конкуренцијата е силна, а пријавените настани поставуваат нови стандарди во индустријата. Оценувањето се врши според однапред утврдени и јавно објавени критериуми.

- Не радува што оваа година имаме одлични апликации кои покажуваат високо ниво на иновативност и професионализам. Ова е доказ дека БЕАМ е платформата што недостасуваше во нашата индустрија. Жирито има сериозна задача да ги избере најдобрите, а ние со нетрпение ја очекуваме гала-вечерта кога ќе ги прогласиме победниците, изјави Маја Бабиќ, директорка на БЕАМ.

Гала-свеченоста и официјалното прогласување на победниците ќе се одржи на 4 март.

Фестивалот БЕАМ започна во 2023 година како единствена платформа за валоризација на креативноста и извонредноста во индустријата за настани во Македонија. Со секое ново издание, БЕАМ поставува нови стандарди и ја истакнува важноста на настаните како клучен дел од современата комуникација, маркетинг стратегии и културниот развој. Фестивалот е место каде што креативноста, иновацијата и професионализмот добиваат заслужено признание.  си/са/

Фото: БЕАМ

Остани поврзан