Армијата на Либан соопшти дека заврши првата фаза од разоружувањето јужно од реката Литани
- Либанската армија денеска соопшти дека целите од првата фаза од планот за разоружување на јужниот дел од земјата се постигнати и вети дека ќе продолжи да работи кон преземање на целосна одговорност за безбедноста и стабилноста на целата земја
Бејрут, 8 јануари 2026 (МИА) – Либанската армија денеска соопшти дека целите од првата фаза од планот за разоружување на јужниот дел од земјата се постигнати и вети дека ќе продолжи да работи кон преземање на целосна одговорност за безбедноста и стабилноста на целата земја.
Извори од Хезболах изјавија дека групата повеќе не e воено присутна јужно од реката Литани.
Оваа фаза се фокусираше на проширување на оперативното присуство на армијата, обезбедување на клучни зони и воспоставување контрола врз териториите во секторот јужно од реката Литани, освен областите што сè уште се под израелска окупација, се наведува во соопштението на армијата.
Претседателот на Либан, Џозеф Аун наведе дека целосно ја поддржува армијата, која мора да биде единствената легитимна воена сила во земјата.
Судирот помеѓу Израел и Хезболах почна во октомври 2023 година, на маргините на израелската офанзива врз Појасот Газа, а непријателствата ескалираа во септември 2024 година, за по два месеци да биде постигнат Договор за прекин на огнот со посредство на САД. И покрај прекинот на огнот израелската армија продолжи да извршува напади врз јужен Либан, тврдејќи дека се насочени кон Хезболах, кој повторно се вооружува.
Во јуни минатата година за време на војната помеѓу Израел и Иран, израелската армија речиси секојдневни напаѓаше цели на Хезболах во Либан.
Примирјето предвидува разоружување на Хезболах и отстранување на воена инфраструктура јужно од реката Литани, на околу 30 километри од израелската граница. Додека Израел треба да ги повлече своите сили од либанска територија, но да задржи пет гранични пунктови што ги смета за стратешки. ми/ссм/
фото: ЕПА