• петок, 05 декември 2025

Апликацијата „EduPari“ на кочанскиот тим победик на „Startup Weekend Skopje 2025“

Апликацијата „EduPari“ на кочанскиот тим победик на „Startup Weekend Skopje 2025“

Кочани, 8 ноември 2025 (МИА) -  Со апликацијата „EduPari“ тимот од Кочани, составен од Христо, Бојан, Горазд и Ненад, победи на претприемачкиот настан  „Startup Weekend Skopje 2025“, кој оваа година привлече повеќе од 45 учесници и осум тимови составени од млади иноватори, програмери и претприемачи со заедничка цел – создавање современи fintech решенија.

„Startup Weekend“ обедини претприемачи, програмери, дизајнери и креативци за да развијат стартап идеја – од концепт до функционален прототип – за само 54 часа. Настанот беше исполнет со енергија, менторски сесии, работа до доцна во ноќта и финални презентации пред жири составено од инвеститори и експерти.

Победничката идеја, „EduPari“, е мобилна апликација која ја подобрува финансиската писменост преку микро-лекции, квизови и гејмифицирани предизвици. Наместо класичен пристап, корисниците учат преку интерактивни сценарија што ги приближуваат до реални ситуации – како да заштедат, направат буџет, препознаат финансиска измама или правилно да користат кредит.
Иновативноста на EduPari е во комбинирањето на игровната мотивација со персонализирани содржини според возраста и интересите на корисникот, објаснуваат од победничкиот тим.

Четворицата членови доаѓаат од различни професионални области – податоци, дизајн, технологија и маркетинг, што, според нив, е клучот за успех.

Потекнуваме од Кочани и Виница, и токму тоа ја прави победата уште послатка – покажавме дека големи иновации можат да дојдат и од помали градови, појаснија момчињата од кочанскиот тим.


Како победници, тимот ќе ја претстави својата идеја пред инвеститори и ќе добие учество во инкубаторска програма за менторирање на стартапи.

Таму ќе работат на усовршување на идејата, развој на MVP (минимално одржлив производ) и изработка на прецизен бизнис модел.

Во следната фаза, на тимот најмногу му е потребна менторска и техничка поддршка, особено во развојот на мобилната апликација, „UI/UX“ дизајнот и правните аспекти поврзани со заштитата на податоци.

Поддршка од финансиски институции и организации кои промовираат финансиска писменост би овозможила побрз раст и тестирање со реални корисници.

- Ова искуство ни покажа дека од идеја до акција има само еден чекор – одлучноста. Научивме како се верифицира пазар, како се подготвува питч и како се работи под притисок.  „EduPari“ не е само проект – тоа е мисија за поголема финансиска писменост во Македонија, велат краторите на апликацијата „EduPari“.ис/лв/

фото: тим од Кочани  апликација „EduPari“

Остани поврзан