• петок, 21 февруари 2025

Американски платеници ќе ги обезбедуваат враќањето на бегалците и мирот во Газа

Американски платеници ќе ги обезбедуваат враќањето на бегалците и мирот во Газа

Ерусалим, 23 јануари 2025 (МИА) - Американските приватни платенички сили во наредните денови ќе заземат големи контролни пунктови во Газа и ќе распоредат свој вооружен персонал во енклавата, објави порталот Аксиос, повикувајќи се на двајца израелски официјални лица. Ова е во согласност со постигнатиот договор меѓу Израел и Хамас, пишува порталот.

Американските приватни компании ќе работат во Газа како дел од меѓународниот конзорциум основан според Договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, кој беше посредуван од САД, Египет и Катар.

Улогата на американските платеници ќе биде да ги прегледаат возилата на Палестинците кои се движат од југ кон север на Газа, за да спречат транспорт на ракети и друго тешко оружје.

Тројца припадници на американските безбедносни сили беа убиени во 2003 година во напад на американски конвој во Газа. Израелските власти тврдат дека зад нападот стои Хамас. Ова ќе биде првпат во последните две децении американските сили да се прераспоредат во Газа.

Формирањето на меѓународен безбедносен тим беше дел од преговорите за решавање на прашањето за враќање на Палестинците во северниот дел на Газа. Израел побара од сите Палестинци кои патуваат на север да бидат подложени на безбедносни проверки. Хамас го одби ова барање.

Постигнат е компромис возилата да можат да се движат кон северниот дел на Газа само преку една рута и дека ќе бидат прегледани на коридорот Нецерим, а проверката ќе ја врши трето лице.

„Улогата на конзорциумот е да го следи, управува и обезбедува критичниот контролен пункт долж патот Салах ал-Дин, обезбедувајќи безбедно враќање на раселените Палестинци. Целта е да се обезбеди редовно движење на возилата и истовремено да се спречи транспортот на оружје на север, во согласност со условите на прекинот на огнот“, изјави за Аксиос извор запознаен со деталите од договорот.

Конзорциумот се состои од три приватни компании, избрани од САД, Египет и Катар со одобрение на Израел и Хамас.

Се очекува американските платеници да бидат присутни во Газа до завршување на првата фаза од договорот за размена на заложници. паг/

Фото: МИА архива

 



Остани поврзан