• петок, 05 декември 2025

Аксиос: САД ќе ѝ продадат на Саудиска Арабија основен модел Ф-35 поради загриженоста на Израел

Аксиос: САД ќе ѝ продадат на Саудиска Арабија основен модел Ф-35 поради загриженоста на Израел

Вашингтон, 26 ноември 2025 (МИА) – Американскиот државен секретар Марко Рубио го увери израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД нема да и испорача на Саудиска Арабија најсовршениот модел на авиони ловци Ф-35, какви што имаат европските држави, објави Аксиос.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе и продадат на Саудиска Арабија најсовршените авиони ловци од петтата генерација. Најавата на Трамп предизвика загриженост кај Израел, единствената држава на Блиски Исток која поседува Ф-35.

Според американскиот портал, Рубио ветил дека дополнително ќе разговара со Израел за да го убеди договорот за оружје со Саудиска Арабија нема да ја поткопа квалитативната воена супериорност на Израелските одбранбени сили (ИДФ) на Блискиот Исток, нешто што е вградено во американскиот закон.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман на 18 ноември имаше средба со Трамп во Белата куќа, при што беа потпишани голем број договори во областа на економијата и одбраната.

Трамп по средбата изјави дека САД ѝ доделиле на Саудиска Арабија статус на главен сојузник на Вашингтон надвор од НАТО.

Во случај на испорака на Ф-35 на Саудиска Арабија, Израел најави дека ќе побара дополнителни безбедносни гаранции од Вашингтон. Особено, борбените авиони испорачани на Кралството не треба да бидат стационирани во саудиските воздухопловни бази во западниот дел од земјата, кои се најблиску до израелска територија. ми/ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан