Аеродромци добиваат нов мултифунционален центар
- Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, попладнево извршија увид во градежните активности за реконструкција и целосно уредување на нов мултифунционален центар. Беше објаснето дека во него, аеродромци ќе може да уживаат во концерти, кино-проекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и други настани.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, попладнево извршија увид во градежните активности за реконструкција и целосно уредување на нов мултифунционален центар. Беше објаснето дека во него, аеродромци ќе може да уживаат во концерти, кино-проекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и други настани.
Мултифункционалниот центар се наоѓа во непосредна близина на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче, како што истакнаа надлежните, ќе претставува место со што ќе се збогати културниот и социјалниот живот на жителите.

Станува збор за целосна реконструкција и комплетно уредување на простор од околу 1.500 квадратни метри. Општина Аеродром со овој проект аплицирала на повикот на Владата и добила 99 милиони денари за првата фаза од реконструкцијата.
Со реконструкцијата се очекува овој простор да биде целосно облагороден. Покрај главна сала - гледалиште, предвидено е да опфаќа и фоаје, бифе и едукативни простори-работилници. Исто така, најавено е да биде изграден и лифт со што, како што беше нагласено, ќе се реши пристапноста до содржините на мултимедијалниот центар за сите категории граѓани.
Гледалиштето во главната сала се очекува да има над 240 места за седење и дополнителен ред приспособен за лица со посебни потреби во колички.

Премиерот Мицкоски рече дека Општина Аеродром генерално била прилично амбициозна што се однесува до проектите што ги финансира Владата и во првиот и во вториот повик некаде околу 15 милиони евра вкупно била сумата на проектите што се финансираат од Владата, кога на тоа ќе се додадат и делот од кофинансирањето што го има самата општина, „доаѓаме до навистина еден силен би рекол инвестициски циклус“.
- Овој објект што денеска направивме увид, преставува навистина нешто што ќе е додадена вредност во културниот живот, не само во општина Аеродром, туку и во Скопје и ние како Влада, ова го препознавме и заедно со општината ќе го реализираме и чувствувам дека кога ќе биде сето ова готово и целиот овој облик на ова маало ќе изгледа поинаку, сигурен сум дека не само општината, туку и скопјани ќе го користат овој мултифункционален центар на културата или културен центар како сакаат. Им честитам на градоначалникот, на советниците што ја поддржуваат неговата работа, на пратениците коишто доаѓаат од Општина Аеродром, на администрацијата, на министерот што препознаваат вакви проекти што понатаму ќе бидат дел од проектот за Скопје, град на културата и дел од секојдневниот живот на аеродромци и скопјани, така што навистина претставува нешто со што ќе се гордееме, подвлече премиерот.

Министерот Љутков рече дека овој објект ќе биде готов до крајот на 2027 година и ќе биде најмногу за потребите на Скопје - европска престолнина на културата во 2028 година.
- Пред две недели конечно ја потврдивме титулата во Брисел со министерот за надворешни работи и градоначалникот на Скопје и веќе почнуваме со реализација, така да, до крајот на 2027, во Скопје ќе имаме четири до пет готови мултифункционални центри што ќе ги примат европските граѓани и граѓаните на Македонија, додаде министерот во изјава за медиуми.
Градоначалникот Митески рече дека во овој простор, жителите ќе можат да уживаат во концерти, театарски претстави, кино-проекции, ликовни изложби, конференции и многу други настани.
- Центарот, со површина од 1.500 метри квадратни, ќе биде целосно пристапен за сите, со модерна сала за 240 посетители, фоаје, бифе и едукативни простори. Со овој проект не само што го збогатуваме културниот живот, туку создадаваме место каде заедницата ќе се среќава, учи и ужива заедно, дециден беше градоначалникот. бд/са/
Фото: МИА
Видео: Влада