• петок, 05 декември 2025

Промовиран Националниот концепт за полициско работење во заедницата

Промовиран Националниот концепт за полициско работење во заедницата

Скопје, 30 мај 2025 (МИА) - Полека да излеземе од концептот дека само полицијата е одговорна за сите безбедносни прашања. Неопходен е широк, мултиагенциски пристап. Правда за децата, родово базирано насилство врз жени и семејно насилство, превенција од радикализација и насилен екстремизам, одговор на природни, елементарни непогоди или терористички закони, за се ова не е одговорна само полицијата, одговорни сме сите како граѓани, како полициски, јавни и државни службеници, како градоначалници, како вработени во локалната самоуправа, училиштата, здруженијата на граѓани,...  

Ова беше истакнато на денешната промоција на „Национален концепт за полициско работење во заедницата“ и „Национален прирачник за полициско работење во заедницата“.

-По 30 години дојде време да се направи Национален концепт согласно македонските прилики кој ќе даде ефикасни резултати. Создаваме трајни вредности во полициското работење. Концептот ги вклучува практиките и искуствата однадвор, но сепак е адаптиран на нашите потреби. Работењето на полицијата со заедницата е многу повеќе од излегување на терен и од воспоставување контакт со граѓаните. Полицијата треба секогаш да е меѓу граѓаните, дури и таму каде што сите мислиме дека нема потреба од неа. Соработката со заедницата е основа за севкупната полициска работа. Преку соодветен пристап на полициските службеници на микро ниво, може во огромна мера да се подобри ефикасноста на полицијата во сите области на делување, преку превенција да стигнеме до крајната цел - сигурност и видливи резултати во борбата против сите видови криминал и девијантни појави, рече директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

Според него, во денешно време е незамисливо еден раководител или командир на полициска станица да не знае, да не може или да нема сила да допре до граѓаните на кои им служи или да не изгради соработка со локалните власти, да не се грижи за инфраструктурата, за безбедноста по улиците,...

-Полицијата не смее да заборави дека е платена од парите на граѓаните и не е тука да владее со нив, туку да им служи. Полицијата мора да биде пријател со граѓаните, подвлече Јанев.

Документите „Национален концепт за полициско работење во заедницата“ и „Национален прирачник за полициско работење во заедницата“ се изготвени во рамки на заедничкиот билатерален проект со Кралството Шведска. мч/ев/

фото: МИА

Остани поврзан