• вторник, 27 август 2024

„Њузвик“: Западот предводен од САД го губи стратешкото влијание во Грузија

„Њузвик“: Западот предводен од САД го губи стратешкото влијание во Грузија

Њујорк, 27 август 2024 (МИА) – Американскиот неделник „Њузвик“ (Newsweek) објави дека САД и земјите-членки на НАТО постепено го губат стратешкото влијание во Грузија, а нејзино зближување со Русија би можело да предизвика сериозен геополитички проблем за Вашингтон.

- И покрај трајната прозападна симболика и огромната поддршка од народот за пристапување во ЕУ и НАТО, Русија на претседателот Владимир Путин е во пораст, додека односите на грузиската Влада со САД и другите западни сили брзо се влошуваат. Додека западните земји истакнуваат дека руската војна во Украина ја зајакна солидарноста и ги внесе Финска и Шведска во таборот на НАТО, некогашниот кандидат за членство Грузија се чини отиде во другата насока, посочува „Њузвик“.

Директорот на Грузискиот институт за политика, Корнели Какачија наведе дека „Западот ја губи стратешката конкуренција во регионот каде се Кина, Турција, Иран, како и Русија“.

- Приклонувањето на Грузија во руската орбита би бил значителен неуспех за САД, НАТО и Западот, со геополитички импликации кои би биле и стратешки и симболични, изјави Лаура Линдерман од Центарот за Евроазија на Атлантскиот совет.

„Њузвик“ потсетува дека односите помеѓу Владата на партијата Грузиски сон и западните земји нагло се влошија изминатите месеци, иако теоретски Тбилиси сè уште е посветен на членство во ЕУ и во НАТО. Процесот на пристапување во ЕУ беше суспендиран од Брисел во јули поради усвојување на Законот за странско влијание и покрај масовните протести.

- Протестите во Грузија поради Законот за транспарентност на странско влијание негативно се одразија на изгледите за развој на односите помеѓу Тбилиси и Западот. Изјавите на лидерите на владејачката партија Грузиски сон – Демократска Грузија за отфрлање на западните псевдо-либерални идеологии и недозволувањето Грузија да учествува воени конфликти, исто така, го одразуваат постепеното губење на американските позиции во земјата, оценува „Њузвик“. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан