• вторник, 03 декември 2024

Капетанот на супер-јахтата која потона кај Сицилија се брани со молчење

Капетанот на супер-јахтата која потона кај Сицилија се брани со молчење

Рим, 27 август 2024 (МИА) - Капетанот на супер-јахтата која минатата недела потона за време на бура кај Сицилија, при што се удавија седум лица, одлучи да не одговара на прашањата на обвинителот, соопшти денеска неговиот адвокат.

Џејмс Катфилд, 51-годишен државјанин на Нов Зеланд, е под истрага поради можно убиство од небрежност и кривични обвинувања за бродолом, а обвинителот од Термини Имерезе го сослуша по третпат денеска.

- Го искористи своето право на молчење, веројатно обвинителите го очекуваа тоа, изјави адвокатот Алдо Мордиља, додавајќи дека правниот тим на капетанот штотуку е именуван и дека им треба време за да ја подготват неговата одбранбена стратегија.

Катфилд е меѓу 15-те преживеани од потонувањето на 19 август, во кое загинаа британскиот технолошки магнат Мајк Линч, неговата ќерка Хана и уште пет други лица.

Главниот обвинител Амброжо Картоцио, кој ја води истрагата, изјави дека неговиот тим ќе разгледа секој можен елемент на одговорност, вклучувајќи ја и одговорноста на капетанот, екипажот, поединци задолжени за надзор и градителите на јахтата.

„Бајесијан“, луксузна јахта долга 56 метри која пловеше под британско знаме, потона во близина на медитеранскиот остров во јужна Италија. Истражителите се фокусираат на тоа како потонала јахтата, која производителот, италијанското бродоградилиште „Перини Нави“, ја сметало за „непотоплива“, додека блиската јахта останала речиси неоштетена од бурата.

Екипажот се спасил, освен готвачот, додека шест патници се удавиле заробени во трупот на јахтата. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан