• недела, 22 декември 2024

Љутков: Ќе го вратиме сјајот на Музејот на Северна Македонија, изработен е проект за негова темелна реконструкција

Љутков: Ќе го вратиме сјајот на Музејот на Северна Македонија, изработен е проект за негова темелна реконструкција

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој денеска го посети Музејот на Република Северна Македонија и оствари средба со в. д. директорот на Музејот Борче Топуковски, информираше дека е изработен проект за темелна реконструкција на оваа установа. Како што посочи, во тек е постапката за добивање на одобрение за градба, со што веднаш би почнала реконструкцијата на покривот, а за темелна реконструкција на другиот дел од објектот ќе следува тендер во следниот период.

Љутков потсети дека последната интервенција на овој музејски комплекс е направена во 2010 година.

-Ќе се залагаме да го вратиме сјајот на ова музејска институција и за таа цел е веќе изработен проект за темелна реконструкција. Министерството за култура и туризам веќе е во постапка за добивање на одобрение за градба, со што веднаш би почнала реконструкцијата на покривот во овој момент, за што имаме обезбедено и средства. За темелна реконструкција на другиот дел од објектот, во следниот период ќе следува тендер со повеќе годишна јавна набавка, рече министерот.

Тој се надева дека во многу краток период ќе ја добијат дозволата и до крајот на годината веќе ќе биде завршена реконструкцијата на кровот. Посочи оти е убеден дека со реализација на сите фази од проектот конечно ќе добиеме музејска институција по сите стандарди која што е чувар на нашето културно наследство.

-Музејот на Македонија е најстар и најголем во Македонија, кој што го собира, го чува, го проучува и го презентира нашето културно наследство. Музејот е навистина во многу лоша очајна состојба, а тоа покажува низ годините наназад каков третман имаме кон културното наследство и дека иако многу се ветувало во последните години, всушност ништо не се направило за да се подобри состојбата на најстариот Музеј во Македонија, додаде Љутков.

Како што потенцираше, галеријата на икони која што е заштитена како посебно значење од прва категорија, после земјотресот во 2016 година кога имало проблеми со кровот и со протекување, морала да биде преместана и ставена во депоата и да се чува во несоодветни услови.

-Има проблеми за вработените кои мора да интервенираат во многу ситуации, а кога зборуваме веќе и за вработените, морам да кажам дека во последните три години имало 30 заминувања во пензија, а всушност е вработено само едно лице. Тоа покажува каков е односот кон нашата култура, традиција, кон нашето културно наследство и односот кон институциите, додаде Љутков.

Тој најави дека во наредниот период, до Новата година, ќе ги посети сите институции кои се под надлежност на Министерство за култура и туризам.

-Заедно со стручните лица ќе ги увидиме состојбите и ќе донесеме одлуки и предлози до Влада што треба да се направи најбрзо за да може да се интервенира, да не се направат штети во наредниот период, рече Љутков.

В. д. директорот на Музејот на Северна Македонија Борче Топуковски по посетата со министерот изјави дека се надева со текот на времето Музејот ќе го добие сјајот кој што го заслужува.

-Ние ја имаме највредната музејска збирка во државата - тоа е галеријата на икони. Меѓутоа, и другите етнолошки музејски предмети се исто така вредни и се значајни за презентација на нашето културно наследство. Затоа денеска имавме продуктивна средба со министерот, и ние вработените имаме огромна надеж дека ќе тргнеме од мртва точка и дека со текот на времето ќе му го дадеме сјајот на Музејот каков што заслужува, рече Топуковски. бт/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан