• петок, 22 ноември 2024

Јовановиќ за МИА: „Чувари на формулата“ е филм со интересна, но сериозна тема, премиерата кај нас е седум дена пред српската

Јовановиќ за МИА: „Чувари на формулата“ е филм со интересна, но сериозна тема, премиерата кај нас е седум дена пред српската

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Не случајно одлучивме „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ да го затвори фестивалот. Јас лично и целиот тим сметаме дека овој филм се издвојува од останатите и дека ќе го предизвика вниманието на целата регионална јавност. Станува збор за сериозен филм, а она што се случува сите нè засега, затоа што се базира на вистински настани, вели за МИА директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ Небојша Јовановиќ, во пресрет на вечерното затворање на годинашното осмо издание.

Фестивалот почна на 13 октомври, а свеченото затворање ќе се одржи вечер во Синеплекс во Скопје, и тоа со доделување на фестивалските награди и со проекција на „Чувари на формулата“, којшто е и дел од главната натпреварувачка програма.

-Ова е најновиот филм на Драган Бјелогрлиќ и истиот се вклопува во концептот на фестивалот. Станува збор за негов втор филм. Јас и фестивалскиот креативен тим сметаме дека тој се издвојува од сите негови претходни филмски остварувања. Се работи за еден сериозно направен филм, „art house“ филм, кој што обработува една многу интересна, но и сериозна тема. Говори за настан којшто се случил во 60-тите години, појаснува Јовановиќ за МИА. 

Тој информира дека филмот имал светска премиера на филмскиот фестивал во Локарно, каде што беше прикажан пред осум илјадна публика и предизвикал бура реакции и сериозно внимание. Ексклузива кај нас, како што посочи Јовановиќ, е тоа што филмот ќе ја има регионалната премиера, седум дена пред српската премиера.

-Филмот е српско-македонско-француска копродукција. Ние во Македонија имаме голема ексклузива, благодарение на македонскиот продуцент Томи Салковски, кој се потруди да ја имаме регионалната премиера, на седум дена пред српската премиера, односно пред домашната премиера на овој филм. Ова е навистина голема ексклузива и сум многу благодарен, рече директорот на Киненова.

„Чувари на формулата“ доби награда на Сараевскиот филмски фестивал, но како што потенцира Јовановиќ тој факт не бил клучен за одлуката филмот да се прикажува на фестивалот кај нас.

-Филмот се бори за една од наградите. Жирито се уште жестоко одлучува, така што вечер ќе ги имаме резултатите, додаде Јовановиќ.

„Чуварите на формулата” е копродукција меѓу Кобра Филм и Тон Филм од Србија, Скопје Филм Студио од Македонија, Перфо Продукција од Словенија и Битер Фрејмс од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж. Драган Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.

Одлуката за фестивалските награди вечер ќе ја донесе меѓународното жири во состав Леј Мајевски, Дебора Ван Дам и Дејан Дуковски, а дизајнер на наградите е Димитар Филиповски.

Целото интервју со директорот на Киненова Небојша Јовановиќ, во кое тој говори за предизвиците со кои се соочува фестивалот, но и генерално околу филмските проекции, МИА ќе го објави во текот на утрешниот ден. бт/бак/

Фото/ МИА, Киненова

Остани поврзан