• сабота, 14 септември 2024

Јаховиќ се повлекува од македонската репрезентација

Јаховиќ се повлекува од македонската репрезентација
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски повеќе нема да може да смета услугите од Адис Јаховиќ. Напаѓачот кој има 19 настапи и три голови во репрезентативниот дрес одлучи да се повлече од националниот тим. Фудбалерот долги години со успех настапува во турското првенство и едноставно вели дека сега е време за збогум од репрезентативниот дрес, бидејќи повредите и возраста во голема мера бараат повеќе време за одмор и закрепнување. Јаховиќ преку допис до Фудбалската федерација на Македонија ја образложи својата одлука: - Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот. Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа. Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш. Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат. Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација. Напред Македонија“. ФФМ му се заблагодари на Јаховиќ за неговиот придонес во репрезентацијата и му поскаа успех во понатамошните клупски настапи. За македонската репрезентација Адис Јаховиќ дебитираше на 14. ноември 2012 година на пријателскиот натпревар против Словенија. зс/

Остани поврзан