• понеделник, 23 декември 2024

Јапонија лансираше одбранбен сателит во орбитата

Јапонија лансираше одбранбен сателит во орбитата

Токио, 4 ноември 2024 (МИА) – Јапонија денеска лансираше одбранбен сателит во орбитата, дизајниран за побрза комуникација и спроведување воени операции. Сателитот беше лансиран со новата ракета-носач „Ејч Три“ (H3).

Ракетата „Ејч Три“ број 4, развиена од „Мицубиши Хеви Индустрис“ (Mitsubishi Heavy Industries Ltd) полета од вселенскиот центар Танегашима, југозападна Јапонија.

Јапонската агенција за истражување на воздухопловството соопшти дека сè се одвивало според планот и сателитот бил успешно лансиран во целната орбита.

Сателитот е на Министерството за одбрана „Карамеки-3“ (Karameki No. 3), кој користи комуникација „Икс-бенд“ (радиобранови со ултрависока фреквенција во одреден опсег) за размена на информации и податоци, како и за воени операции и команда. Сателитот кој користи сличен тип на радиобранови е помалку погоден од временските услови и е способен да одржува постабилна комуникација. „Карамерки-3“ следи два претходни сателити со „Икс-бенд“ (X-band) што веќе се во функција.

Генерал-мајор Јасухиро Като, началник на системскиот оддел на здружениот штаб на силите за самоодбрана на Јапонија, на заедничката онлајн прес-конференција од островот Танегашима рече дека

- Тројниот сателитски комуникациски систем преку „Икс-бенд“ ќе овозможи високо брз пренос на податоци и комуникација со голем капацитет меѓу копнените, морските и воздушните сили на Јапонија за самоодбрана, како и со единиците распоредени во странство на мировни мисии или вежби. Ова дополнително ќе придонесе за националната безбедност на Јапонија и оперативниот капацитет на силите за самоодбрана, изјави началникот на системскиот оддел на здружениот штаб на силите за самоодбрана на Јапонија, генерал-мајор Јасухиро Като. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан