• сабота, 21 декември 2024

Ѓуриќ: Србија покажа дека води политика на „подадена рака“

Ѓуриќ: Србија покажа дека води политика на „подадена рака“

Белград, 4 октомври 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека Србија покажала дека води избалансирана национална политика на подадена рака - разговара со сите, и со земјите од Западот и со Истокот, а во исто време останува на европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓуриќ за РТС изјави дека Србија на седницата на Генералното собрание на ОН „однела дипломатска борба“ за Косово, а пред се „на оние адреси кои ја поддржуваат Приштина“.

Тој по средбите во Њујорк и Вашингтон, како и во Брисел смета дека соговорниците со кои разговарал сега подобро ја разбираат ситуацијата на Косово и ставот на српскиот народ.

-Страдањето на нашиот народ на Косово и Метохија е огромно, и јас ја користам секоја средба за да им објаснам на нашите соговорници низ што поминува нашиот народ. Ние однесовме дипломатската борба на адресите кои традиционално ја поддржуваа Приштина. Денес и Вашингтон и Брисел имаат разбирање за барањето на Белград за враќање на претходната ситуација на северот на Косово, што значи враќање на Србите во полицијата, да имаат свој регионален командант и да се одржат слободни избори во четирите општини (северно Косово), како и да речиси 200 српски судии и обвинители го добивајт своето место во косовскиот судски систем, кажа Ѓуриќ.

Воедно, Ѓуриќ рече дека не е оптимист за ова прашање, со оглед на тоа што „режимот на косовскиот премиер Албин Курти ќе направи се за да им го загорчи животот на Србите“.

Ѓуриќ оцени дека Курти сепак не очекувал толку силни дипломатски чекори од Србија.

Кога станува збор за најавите за можноста Косово да ја укине забраната за влез на стоки од Србија, Ѓуриќ кажа дека блокадата на режимот на Курти најмногу ги погодува најранливите.

-Тоа се обични луѓе и овдека не е прашање дали ќе купите млеко од Србија или некое увезено од незнам каде, туку тоа води и до затворање на продавници и губење на работните места, рече Ѓуриќ. об/ссм/

фото: МНР Србија

Остани поврзан