• понеделник, 20 јануари 2025

Ѓорѓиевски: Современите предизвици на системот за заштита бараат заедничка посветеност на централната и локалната власт  

Ѓорѓиевски: Современите предизвици на системот за заштита бараат заедничка посветеност на централната и локалната власт  

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска се обратил на конференцијата „Современите предизвици на системот за заштита и спасување“, организирана од Дирекцијата за заштита и спасување, при што ја потенцирал важноста од приоритетно третирање на реформите во противпожарната заштита и создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување.

Од Општина Кисела вода соопштија дека тој нагласил дека превенцијата е основен столб за справување со кризните ситуации.

Ѓорѓиевски изразил загриженост за моменталната состојба на противпожарните единици, нагласувајќи ја недоволната финансиска поддршка и старите возни паркови кои го отежнуваат функционирањето на единиците. Истакнал дека централната власт годишно за оваа цел обезбедува 4,5 милиони евра, но општините дополнително одвојуваат 4,1 милиони евра од сопствениот буџет за оваа намена, што е недоволно за соодветно извршување на задачите. Во своето излагање посебно внимание тој обрнал на потребата од почитување на Европската повелба за локална самоуправа, според која, за секоја префрлена надлежност на локално ниво, треба да се префрлат и соодветни средства за нејзино спроведување.

- ЗЕЛС со години апелира за приоритетност на реформите во противпожарната заштита. Само со заедничка посветеност на централната и локалната власт можеме да изградиме ефикасен систем кој ќе ги заштити нашите граѓани. Превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците. Само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи, истакнал претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој се осврнал и на напорите на Општина Кисела Вода за подобрување на локалната заштита и спасување, меѓу кои набавката на багер за расчистување на речните корита, ново противпожарно возило и обезбедувањето на простор за нова противпожарна станица, но и тука посочи на пречките предизвикани од Градот Скопје.

- Набавивме ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Скопје. Дополнително, набавивме мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои често се главната причина за излевање на реките и поплави, потенцирал Ѓорѓиевски, апелирајќи за уште поголема соработка меѓу локалната и централната власт за решавање на системските проблеми и изразувајќи силен оптимизам за поддршката што сè повеќе се покажува од страна на централната власт. цр/ев/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан