• четврток, 22 февруари 2024

Ѓорѓиевски: Владата спроведува партиски реваншизам кон општините во минатите две години 

Ѓорѓиевски: Владата спроведува партиски реваншизам кон општините во минатите две години 

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Нема општина со проблем во плаќањето електрична енергија и верувам дека годинава ќе бидат избегнати проблеми како минатата година кога дел од општините беа исклучени. Многу поспремни влегуваме оваа година, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС пред почетокот на Годишната конференција за децентрализација и локално управување, која ја организира Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа.  

Како што рече, се уште не е почната зимата и нема сериозни осцилации споредено со состојбата од лани во која се нашле  општините. 

-Минатата година државата нѐ остави сами да се снаоѓаме како општини,  но се справивме со тој проблем. Го земаме тоа во проектирањето на буџетите за оваа година, за можни осцилации во однос на цените на електричната енергија, да можеме поекспедитивно да реагираме и полесно да го надминеме тој проблем, земајќи повторно предвид дека се мали и очекувањата дека Владата тука нешто би помогнала, рече Ѓорѓиевски.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, кој е од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во изјавата се пожали на „слаба поддршка од централните институции“ и на „недостатоци особено во фискална централизација“.

-Тоа се процеси коишто години наназад се проблем за општините кои располагаат со реално мали буџети, а Владата одбива изминативе, особено две години, да направи исчекор, односно подобрување на состојбите. Секако дека во таа насока ќе продолжиме да се бориме да се променат тие работи, истакна Ѓорѓиевски и додаде дека очекува на денешната конференција да се разговара до каде се процесите на децентрализација во државава и да се разговара за, како што рече,  проблеми, теми и несогласување во изминатиот период. 

Минатата грејна сезона, рече, ги навела општините да се однесуваат многу подомаќински, а некои општини се решиле и да го редуцираат уличното осветлување заради високите сметки за потрошена енергија во училиштата и градинките. Во неговата општина, Кисела Вода, рече, не е направена таква отстапка со исклучување на осветлувањето заради безбедноста на граѓаните и најави дека ќе спроведе смарт осветлување на територијата на Кисела Вода што ќе донесе голема заштеда.

На новинарско прашање зошто општините повторно имаат долгови кога Министерството за финансии за нивно покривање наменило средства, Ѓорѓиевски одговори дека се работи за „менаџерско однесување на поединци коишто ги водат општините“.

- Јас можам да говорам за мојата општина каде што наследив долг од над 3 милиони евра. Во моментов сум ликвиден. Имам одлична финансиска кондиција како општина, и тоа говори за  начинот на којшто ја менаџирам заедно со мојот тим. Но, тоа што го спомнавате како поддршка од Владата, мислам дека беше во услови на корона-кризата и сметам дека е многу погрешен пристап затоа што мотивирате повторно да се задолжуваат одредени општини и градоначалници коишто ги водат, изјави Ѓорѓиевски. 

Според него, подобро е да има систем во кој треба да му се помогне и да се стимулира со дополнителен проект  оној „којшто работи домаќински, знае да располага како што треба со народните пари и кој добро го третира  општинскиот буџет“.

-Она што го направи Владата во тој момент предизвика состојба уште толку да се олабават претставниците и челниците на општините во тој период и дополнително да продуцираат нови долгови коишто ги наследивме. Тука говориме и за двојните аршини. Еве, минатата годна да ја земеме предвид, кога имаше енергетска криза - Владата не најде за сходно со еден денар да им помогне на општините. Тука не треба да се меша политиката. Но, за жал, имаме Влада која, на некој начин, спроведува партиски реваншизам кон општините изминативе две години. Тоа не е добро затоа што, на крајот на денот, последиците се по  граѓаните, рече Ѓорѓиевски.

Како примери за општини кои работат домаќински во прибирањето на даноците ги наведе Штип и Валандово со над 90 проценти наплата на даноци што, рече, не се случувало години наназад. 

-Ако земете предвид колкава е задолженоста на општините и да направите паралела со минатото, и во услови кога Владата помагала за отпишување на долговите, сметам дека сега се пристапува многу посериозно и многу подомаќински се трошат народните пари, заклучи претседателот на ЗЕЛС. хс/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан